среда, 22 јануари 2025

Брнабиќ до студентите: Ќе го изгубите правото на бесплатно студирање и дом

Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ ги предупреди денес студентите кои протестираат и ја блокираат работата на шеесетина факултети во сите четири универзитетски центри во Србија дека би можеле да останат без државната поддршка од буџетот и правата на студентски дом, а дека факултетите ќе западнат во финансиска блокада и банкрот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Бранот протести во Србија е поттикнат од несреќата со загинувањето на 15 главно млади луѓе при падот на стреата на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 декември, за што значителен дел од јавноста смета дека се одговорни владата и изведувачите на работите, обвинувајќи ги за непрофесионалност и корупција.

Просветните работници, кои во претходните денови ги поддржа студентските протести, се изложени на притисоци од властите да ги прекинат протестите.

Брнабиќ на седница на парламентарниот одбор за образование, наука, технолошки развој и информатичко општество, предупреди дека продолжувањето на блокадата на факултетите носи „три закани“ и дека „медениот месец заврши“.

Таа ја истакна „опасноста повеќе од 100.000 студенти да го изгубат правото на студирање на сметка на буџетот, а повеќе од 17.000 да го изгубат правото на студентскиот дом“.

Додаде и дека и студентите кои сами ги финансираат студиите и нивните семејства може да бидат изложени на дополнителни трошоци, долгови и „изгубени животни шанси“, а третата закана ја нарече „страшна“, а тоа е факултетите да се најдат во финансиска блокада и да банкротираат.

„Тоа значи клуч на врата за државните факултети и универзитети. Поради што – центарот за анархистички студии од Загреб“, заклучи Брнабиќ алудирајќи на „Рецептите за блокирање“, книга објавена во 2009 година во која се опишани искуствата од организирањето блокади на факултетите во Хрватска во 2009.

Брнабиќ заклучи дека е „крајно време“ да се согледа сè што се случило во изминатите два и пол месеци во високото школство и какви се последиците со кои „сите ќе се соочат за многу краток рок“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ