„Тоа нема никаква врска, практично со политиката, освен што сигурно ќе ја намали тензијата во моментов. Во иницијативата учествуваат Република Србија, Северна Македонија и Република Албанија. Добро ќе ни дојде на сите заедно поголема вклученост на БиХ и секако Црна Гора. Таа иницијатива е иницијатива која зборува за отворање на границите, за заемниот, целосно слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги, за гранични премини кои се отворени 24/7 за различни инспекции, пред се фитосанитарни и ветеринарни, кои се целосно усогласени, за да обезбедиме дека и нашата економија и нашиот народ имаат многу поголема корист од нашата меѓусебна соработка“, рече Брнабиќ, пренесува агенцијата Анадолија.
Таа потсети дека била и во Загреб каде разговарала со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
„Затоа се надевам дека во наредните недели и месеци ќе продолжиме по овој пат за заеднички да развиваме мирен, стабилен, просперитетен Балкан за сите наши граѓани и сите бизнисмени“, рече меѓу другото Брнабиќ.
Таа наведе три информации кои говорат за меѓусебниот потенцијал за соработка. Првата е дека билатералната трговија меѓу БиХ и Србија е двојно зголемена во последните десет години, втората е дека БиХ е втор извозен партнер на Србија, а Германија е прв.
„Третиот податок, кој исто така е фасцинантен, е дека Република Србија е трет извозен партнер на Босна и Херцеговина. Прв е Хрватска, втор е Германија, а трет е Република Србија. Само кога ќе ги погледнете овие три параметри, целосно ви е јасно не само колку сме упатени едни на други, колку сме важни едни за други, туку и колкав е потенцијалот кој вообичаено нашите граѓани не го гледаат и се чини дека понекогаш некоја друга земја е поважна на економски план, дека некоја друга земја има поголем економски потенцијал за раст, а кога ќе погледнете, во однос на БиХ првиот економски партнер е практично Република Хрватска, втората е Германија, третата е Република Србија“, рече Брнабиќ.
Таа упати честитки за уште еден успешно организиран саем, истакнувајќи дека е сигурна дека како резултат на овој саем следната година податоците ќе бидат многу подобри.
Според неа, минатата година била одлична, меѓусебната трговија е зголемена за околу 33 отсто, извозот од Босна и Херцеговина во Србија е зголемен за околу 40 отсто.