Сунак се надева дека ќе може да постигне договор врз основа на подобрените односи со ЕУ за да им овозможи на Британците користење на е-вратата на ЕУ за проверка на пасошите, што ќе ги забрза нивните премини на граница, се вели во извештајот.
Прашањето сè уште не е официјално отворено, но дипломатите неформално го покренуваат, објави Блумберг, повикувајќи се на британски функционер.
Во февруари, Британија постигна договор со Европската унија за трговски аранжмани за Северна Ирска, која е предмет на правилата на ЕУ по брегзитот поради својата отворена граница со Ирска.
Според плановите на ЕУ што треба да бидат имплементирани во 2024 година, на државјаните на ОК и на другите државјани од таканаречените трети земји би можело да им се земат биометриски податоци за да добијат ослободување од виза, но британската влада е загрижена дека тоа нема да го намали чекањето на граница и бара целосен пристап до е-вратите на Унијата, објави Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со предметот.
Пред неколку дена беше објавено дека еден од најпознатите возови во светот по 41 година го откажал патувањето од Лондон, бидејќи операторот на модерниот Ориент експрес решил да го откаже британскиот дел од рутата поради брегзит.
Луксузниот воз патувал низ Британија меѓу Лондон и Довер, а потоа патниците се префрлале во автобуси и со траект се превезувале преку Ла Манш до Кале во Франција, каде што патувањето се продолжувало до Париз и понатаму до Истанбул.
Патувањето низ Велика Британија траело околу три часа, но поради се подолгите чекања на граница, операторот го откажал тој дел од линијата за да ја одржи точноста.