вторник, 22 октомври 2024

„Британскиот Бил Гејтс“ е меѓу исчезнатите на фаталната прослава на суперјахта на Сицилија (ВИДЕО)

Нуркачите кои трагаат по трупот на луксузната јахта, која потона кај италијанскиот остров Сицилија, поради лошото време и силните ветрови што предизвикаа водена пијавица, денеска пронајдоа тела на четворица патници и ја продолжуваат потрагата по уште двајца кои се водат за исчезнати, 15 лица се спасени. Меѓу исчезнатите е и британскиот милијардер Мајк Линч, кој со пријателите и соработниците го прославувал своето ослободување од обвиненијата и децениското судење за проневера.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поради силно невреме, јахтата потонала за неколку минути.

Јахтата „Бајесијан“ долга 56 метри пловела под британско знаме и во моментот на несреќата имала 12 патници и 10 членови на екипажот.

Италијанските спасувачки служби ја продолжуваат потрагата по исчезнатите, меѓу кои е и претприемачот и милијардер Мајк Линч, некогашно „златно момче“ на британскиот технолошки сектор, обвинет за проневера на пари при продажба на своите компании.

Бродот потонал пред пет часот наутро по локално време, а лекарот кој им пружил прва помош на преживеаните сведочел дека јахтата „се превртела и исчезнала за неколку минути“.

Италијанските морнари за агенцијата Анса тврдат дека алуминиумскиот јарбол висок 72 метри се скршил на половина, а јахтата изгубила рамнотежа и потонала.

Сепак, нуркачите кои го виделе потонатиот брод под вода велат дека бродот е практично недопрен.

Морнари во анализа за Би-би-си укажуваат дека јарболот бил невообичаено висок и дека веројатно придонел за „соборувањето и повлекувањето на јахтата на дното“.

Во понеделникот беше пронајдено едно тело, на бродскиот готвач Рекалдо Томас од Антигва.

Салваторе Кочина, шеф на Сицилијанската агенција за цивилна заштита, денеска изјави дека се пронајдени вкупно четири тела. Италијанските власти не го потврдија нивниот идентитет.

Тоа укажува дека операцијата за пребарување во трупот на бродот, кој се наоѓа на морското дно на длабочина од 50 метри, всушност е операција за извлекување на жртвите, а не спасување, со оглед на тоа дека три дена од потрагата немало знаци на живот, велат поморските експерти.

„Бајесијан“, долга луксузна јахта, била закотвена во близина на брегот на Понтичело. Во понеделникот околу четири часот наутро, додека сите спиеле, бродот бил погоден од „морска пијавица“ – торнадо што се појавува над морето при ненадејна промена на времето по силна топлина.

Петнаесет од 22 патници и членови на екипажот на едрилицата успеале да се качат на чамец за спасување по бродоломот, а потоа биле спасени од екипажот на едрилица која била во близина.

Не е јасно што предизвикало суперјахтата, изградена во 2008 година во италијанското бродоградилиште Перини Нави, толку брзо да потоне, кога едрилицата во близина останала главно неоштетена и успеала да ги спаси сите на бродот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ