Според зборовите на еден европски воен функционер, потребни се понатамошни дискусии за тоа дали земјите кои ќе ја сочинуваат таканаречената „коалиција на спремни“ воопшто ќе можат да распоредат трупи на теренот.
Од своја страна, британскиот премиер Кир Стармер соопшти во саботата дека изработката на планот за мировни сили во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина сега влегува во „оперативна фаза“.
Телеграф додава дека воените лидери од 27 земји наскоро ќе се сретнат во Лондон за да почнат да се подготвуваат за можно испраќање трупи, бродови и авиони во Украина.
Стармер наведе дека Велика Британија е спремна да игра „водечка улога“ и да постави „војска на земјата и авиони на небото“.
Се наведува и дека британската морнарица би можела да распореди бродови во Црно Море ако спротивставените страни се согласат на мировен договор.
Од своја страна, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека на европските земји кои се согласиле да распоредат воени сили во Украина не им е потребно одобрување од Русија за тоа.
„Украина е суверена и ако бара присуство на сојузнички сили на своја територија, не може Русија тоа да го прифати или одбие“, кажа францускиот претседател, и покрај повторените изјави на Москва дека нема да прифати распоредување на НАТО сили на теренот.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова во тој контекст изјави дека Москва нема да толерира распоредување странски сили во соседната земја.
„Сметаме дека дури и најавувањето такви планови е очигледно провокативен чекор чија цел не е решавање на конфликтот, туку одржување на нездравите и штетни илузии на највисокото раководство на киевскиот режим“, истакна Захарова.