сабота, 27 јули 2024

Британски хирург: Газа е најлошото нешто што сум го видел во животот

Британски хирург кој водел тим за медицинска помош во централна Газа кажа дека ситуацијата во болницата Ал акса била „несомнено најлошото нешто“ што го видел во својата кариера, додека јорданскиот крал предупреди дека израелското бомбардирање може да создаде „цела генерација сирачиња“.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Имаше повеќекратни ампутации, ужасни изгореници, какви што претходно не сум видел“, кажа докторот Ник Мајнард за Си-ен-ен откако неговиот тим немал друг избор освен да се повлече од болницата, по засилените израелски воени активности.

Кажа дека често „воопшто не постои лек за ублажување на болките за тие пациенти“, истакнувајќи ја страшната хуманитарна ситуација и недостигот од медицински материјал во палестинската енклава по повеќе од три месеци израелски бомбардирања.

„Мислам дека искрено можам да кажам дека не сум видел вакво нешто. И никогаш не очекував дека во животот ќе видам толку ужасна ситуација“, кажа Мајнард, кој се обрати од египетската престолнина Каиро откако заминал од Газа.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) повеќе пати се обидоа да ја уверат јавноста дека не ги целат цивилите. ИДФ исто така тврди дека Хамас ја користи цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги болниците, како штитови за своите напади на Израел и дека нападот на тие цели е клучен за елиминацијата на Хамас од Појасот Газа.

Израел тврди дека некои болници се користат како командни центри, но не дава никакви докази за да ги поткрепи тврдењата. Операциите на ИДФ се во најмала рака контроверзни, а хуманитарните организации предупредуваат дека сè поголем број медицински установи низ Газа не можат да пружат основни услуги.

„Во Газа одам веќе 15 години, имам многу пријатели кои таму работат во болниците. Има многу примери на напади врз болниците. Во последните два дена, откако заминав од болницата Ал акса, имаше повеќе напади на болницата“, кажа Мајнард.

Бидејќи Мајнард и неговиот тим ја напуштиле Газа поради својата безбедност, тој се плаши дека „сега нема доволно персонал за водење на болницата во кој било облик“.

Тедрос Адханом Гебрејесус, шефот на Светската здравствена организација, предупреди во неделата дека болницата Ал акса е „најважната преостаната болница“ во централна Газа. Побара медицинскиот персонал и нивните семејства да бидат заштитени, додавајќи дека „објектот мора да остане функционален“.

Соединетите Американски Држави наводно во последните недели вршеле притисок врз израелските власти да направат повеќе за да ги заштитат цивилите, но засега нема прекин на огнот. Со растењето на бројот на убиствата, конфликтот во Газа создава „цела генерација сирачиња“, кажа јорданскиот крал Абдула Втори во Руанда во понеделникот.

„Повеќе деца се убиени во Газа отколку во сите други конфликти во светот минатата година“, кажа Абдула. „Од оние кои преживеале, многу изгубиле еден или двајцата родители – цела генерација сирачиња“.

„Како неселективната агресија и гранатирањето можат да донесат мир? Како можете да гарантирате безбедност, а ја градите на омраза?“, праша јорданскиот крал.

„Без праведен мир, врз основа на решение со две држави, светот ќе продолжи да плаќа висока цена за неуспехот во решавањето на овој конфликт и никогаш нема да имаме вистински мир и стабилност на Блискиот Исток“, предупреди тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ