„Очигледно сакаме Украина да биде во најсилна позиција, но победа во ниедна војна не е извојувана само со едно оружје. А што се однесува до ракетите „сторм шедоу“, британската влада не ја смени својата позиција во однос на прашањето за употребата на тие проектили со долг дострел“, кажа портпаролот на британската влада, а пренесува Индепендент.
Кабинетот на Стармер наведе дека Британија останува на ставот дека Украина има право во одредени околности да изведува напади на руска територија.
За време на средбата со Стармер во Даунинг стрит, на која присуствуваше и новиот шеф на НАТО Марк Руте, Зеленски, кој е на мини европска турнеја, изнел детали од својот „план за победа“ и побарал дополнителна помош од Западот.
Руте, пак, на новинарите им кажа дека „поединечните сојузници“ треба да одлучат дали да одобрат употреба на ракети со долг дострел за гаѓање цели во Русија, што Киев веќе некое време го бара.