Во последниот од серијата реципрочни потези, британското Министерство за надворешни работи соопшти дека презема „итна реципрочна акција“ откако Москва обвини британски дипломат и неговата сопруга за шпионажа.
Министерство за надворешни работи во соопштение ја обвини Русија дека фабрикува обвиненија „за да го оправда зголеменото вознемирување на британските дипломати“ и „активно се обидува да ја принуди британската амбасада во Москва на затворање“.
Рускиот амбасадор во Обединетото Кралство Андреј Келин вчера беше повикан кај висок претставник на Министерството за надворешни работи, се вели во соопштението.
Службеникот „јасно стави до знаење дека Обединетото Кралство нема да толерира заплашување на персоналот на британската амбасада и нивните семејства“ и дека поради тоа се одзема акредитацијата на рускиот дипломат и неговата сопруга. Акредитација е признавање на дипломатскиот статус од страна на владата.
Министерство за надворешни работи ја обвини Москва дека спроведува „сè поагресивна и координирана кампања за вознемирување на британските дипломати“ и „шири злонамерни и целосно неосновани наводи за нивната работа“ веќе 12 месеци, јавува Би-би-си.
Во соопштението се вели дека Русија се обидува да ја принуди британската амбасада во Москва на затворање и дека Русија „не се грижи за опасниот ескалирачки ефект од ова“.
Британската влада верува во „одржување дипломатските канали за комуникација“ со Русија, „и покрај екстремно тешките билатерални односи предизвикани од нелегалната инвазија на Русија на Украина и нејзината долготрајна кампања на непријателски дејствија против Обединетото Кралство“, продолжува во соопштението.
Потегот на Обединетото Кралство уследи откако Русија им нареди на двајца британски функционери да заминат во рок од две недели, откако домашната безбедносна служба ги обвини за „разузнавачка и субверзивна работа“.
Повеќекратните протерувања на дипломати се случија во време на влошување на руско-британските односи по руската инвазија на Украина во 2022 година. Само во изминатата година седум британски дипломати беа протерани од Русија, а Москва ги обвини за шпионажа – обвиненија кои Обединетото Кралство ги отфрла.