недела, 20 октомври 2024

Британија го прекрши ветувањето, сепак нема да ги отстрани сите европски закони до крајот на годината

Објавено на

часот

Сподели

Критичарите сметаа дека оваа цел е резултат на плашливост и рекоа дека е недостижна.

Владата објави дека наместо отстранување, ќе состави список од 600 закони кои ќе бидат повлечени до крајот на 2023 година од вкупно 4.000 европски закони кои сѐ уште се во сила откако Британија ја напушти Унијата во 2020 година.

Владинaтa секретарка за деловни прашања Кеми Баденок призна во соопштение дека отстранувањето на сите европски закони до крајот на оваа година ќе создаде „ризик од правна несигурност“.

Пратеничката на опозициските лабуристи Џени Чепмен рече дека се работи за „понижувачки, целосен пресврт на слабата и поделена влада“.

Илјадници европски закони дословно се копирани во британските откако земјата ја напушти Европската унија во 2020 година, каде што помина децении.

Владата донесе посебен закон со кој автоматски ќе ги повлече сите тие европски регулативи на крајот на оваа година, освен ако тие експлицитно не бидат задржани или заменети со други.

Приврзаниците на брегзит тврдеа дека спроведувањето на тој закон ќе ја намали бирократијата и ќе ја олабави регулативата над компаниите.

Критичарите предупредија дека ревидирањето на огромен број закони набрзина ќе доведе до измена на прописите без соодветен парламентарен надзор и се загрижени дека на овој начин владата ќе ги намали работничките права и еколошките стандарди брзајќи да се ослободи од европскиот начин на решавање на работите.

Спорниот закон беше претставен пред јавноста за време на краткото, несреќно владеење на премиерката Лиз Трас, а нејзиниот наследник Риши Сунак, во својот прв, неуспешен обид да стане премиер, тврдеше дека ќе ги укине сите европски регулативи во своите први 100 дена на функцијата, па дури сними и промотивно видео во кое хартии со натпис „ЕУ регулативи“ ги сече на парчиња.

Џејкоб Рис-Мог, поранешен деловен секретар кој се залагаше за отстранување на законите, го критикуваше премиерот на Твитер: „За жал, премиерот го распарчи сопственото ветување наместо законите на ЕУ“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ