ЛЕД светлата на автомобилите се на удар на критики во Велика Британија, каде илјадници возачи бараат нивна забрана.
Истражувањето спроведено од британската организација на возачи, Автомобилска асоцијација, покажува дека три четвртини од членовите се чувствуваат заслепени од ЛЕД светлата во сообраќајот.
„Нашите членови нагласуваат дека се чувствуваат под стрес од силните светла повеќе од кога било досега“, изјави за Дејли Меил, Едмунд Кинг, претседател на Автомобилската асоцијација.
Ситуацијата ја поттикна британската влада да започне независно истражување за безбедноста на овој вид светлина.
„Истражувањето доаѓа по зголемувањето на бројот на сообраќајни несреќи во кои се споменува влијанието на заслепувачките светла. Во 2023 година се споменуваат во 216 сообраќајни незгоди што е зголемување во однос на претходната година“.
„Зголемената безбедност на индивидуалните возачи не може да дојде на сметка на другите учесници во сообраќајот и пешаците“, изјави Грем Дауни, член на Лабуристичката партија на британскиот парламент.