сабота, 11 јануари 2025

Брисел криеше дека Фон дер Лаен е во болница

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен е примена во болница поради воспаление на белите дробови, соопшти вчера нејзината портпаролка, за првпат укажувајќи на сериозноста на нејзината здравствена состојба.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Можеме да потврдиме дека претседателката беше хоспитализирана за лекување на пневмонија и дека сега е вратена дома“, изјави за порталот Политико портпаролката на Комисијата, Аријана Подеста.

„Таа беше во секојдневен контакт со нејзиниот тим во Комисијата“, додаде таа. „Претседателката моментално работи од дома додека продолжува да закрепнува од тешката болест“.

Ова откритие, повеќе од седум дена откако Комисијата објави дека претседателката е болна, отвора прашања за недоволната транспарентност во однос на најмоќниот функционер во ЕУ, пишува бриселскиот портал. Во средата, на прашањето дали Фон дер Лаен била примена во болница, нејзината главна портпаролка Пола Пињо рече дека „нема нови информации“.

Поради нејзината болест беше одложено претставувањето на клучен дел од нејзината економска стратегија, како и состанокот на Колеџот на комесари во Полска.

Меѓутоа, нејзиниот тим тогаш не го спомна нејзиниот престој во болница, кој, според извештајот на германската новинска агенција ДПА, бил во Универзитетската болница во Хановер и траел околу една недела, пренесува Политико.

Претседателката ги откажа своите ангажмани во првата половина на јануари поради „тешка пневмонија“, изјави нејзиниот портпарол минатиот петок, додавајќи дека таа се опоравува во нејзиниот роден град Хановер.

Урсула фон дер Лаен сè уште нема добиено покана за инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари, објави Ројтерс.

„Ако добие покана, ќе видиме, но засега нема планови да присуствува на инаугурацијата“, изјави вчера Пола Пињо.

„Ќе се обидеме да воспоставиме рани контакти со новата администрација. Дали тоа ќе биде пред 20 јануари или веднаш потоа, не можам да ви кажам во моментов“, рече таа.

Пињо не прецизираше во каква форма ќе се остварат овие „контакти“. Блумберг претходно објави за намерата на Комисијата да организира состанок со Трамп на Флорида.

Трамп ја прекина досегашната практика и на церемонијата покани неколку странски лидери. Тие во минатото не присуствувале на вакви настани, туку испраќале дипломати.

Кинескиот претседател Си Џинпинг, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и италијанската премиерка Џорџа Мелони, меѓу другите, добија покани. Претседателот Си се очекува да испрати висок претставник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ