сабота, 21 декември 2024

Бретон поднесе оставка во ЕУ Комисијата, ја обвини Фон дер Лаен за сплеткарење

Францускиот комесар Тиери Бретон денеска објави дека се повлекува од Комисијата, обвинувајќи ја претседателката Урсула фон дер Лаен дека му работела зад грб и побарала од претседателот Емануел Макрон да го замени со друг кандидат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шокантниот потег на актуелниот комесар за внатрешен пазар, кој требаше да добие многу важна позиција во новата Комисија, доаѓа еден ден пред Фон дер Лаен да го претстави новиот тим на комесари во Европскиот парламент.

„Пред неколку дена, на самиот крај на преговорите за состав на новата Комисија, побаравте Франција да го повлече моето име од лични причини за кои никогаш лично не сте разговарале со мене. За ова, понудивте политичка трговија со наводно повлијателно портфолио за Франција во идната Комисија“, напиша Бретон во писмото до претседателката Фон дер Лаен што го објави на социјалната мрежа Икс.

„Сега ќе ви биде предложен друг кандидат, бидејќи поднесувам оставка од мојата функција во Комисијата, која веднаш стапува на сила“, напиша Бретон.

Тоа е нов удар за претседателката Фон дер Лаен, која минатата недела мораше да го одложи претставувањето на својот нов тим комесари поради хаотичната ситуација околу смената на словенечкиот кандидат за комесар.

Фон дер Лаен, незадоволна од бројот на жени номинирани од земјите-членки за новата Комисија, изврши притисок врз помалите држави да ги заменат веќе предложените кандидати и наместо тоа да испратат кандидатки.

Словенечкиот кандидат за комесар Томаж Весел се повлече од трката, а владата во Љубљана ја предложи Марта Кос за нов кандидат.

Опозициската Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша ја обвинува владата дека го принудила претходниот кандидат Томаж Весел да се повлече и потклекнала пред притисокот на Фон дер Лаен да номинира жена наместо маж за член на Комисијата.

Утре претпладне во Стразбур треба да се одржи состанок на конференцијата на претседателите на Европскиот парламент, тело кое ги собира претседателката на Парламентот и шефовите на пратеничките групи, на кои Фон дер Лаен треба да го претстави новиот тим на комесари и распределбата на ресорите во новата Комисија.

Сега сето тоа веројатно ќе биде доведено во прашање и се поверојатно е дека новата Комисија нема да може да биде потврдена во Европскиот парламент во наредните месеци за да ја преземе функцијата на 1 ноември.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ