сабота, 27 јули 2024

Брендон Кол забива, ама и тепа… жени

Објавено на

часот

Сподели

Предупреден од МВР за семејно насилство: Брендон Кол

Стартниот центар на најтрофејниот македонски тим во почетокот на годинава, поточно на 6 јануари во вечерните часови, бил пријавен од својата сопруга во Министерството за внатрешни работи (МВР), и тоа за семејно насилство. Полицијата веднаш реагирала на пријавата.

„Екипа на МВР веднаш се појавила во станот на американските државјани, од каде што дошла пријавата. Ситуацијата е смирена, по што е направен разговор со лицето Б.К. Полициската патрола проценила дека немало потреба да се напише прекршочна пријава, туку е изречена опомена, односно предупредување. Тоа значи дека во следниот сличен случај ќе бидат преземени подрастични мерки против него“, ни изјави Борче Пешевски, портпаролот на МВР.

Подрастични мерки воедно подразбираат и автоматско протерување од државата и забрана за влегување во Македонија во следните неколку години. Ваквите домашни проблеми се главните виновници што Кол одамна го нема на тренинзите со другите кошаркари на Работнички. Секако, тука е и проблемот со неисплатените плати, кој полека го снемува во „Градски парк“, откако управата на клубот во изминативе десетина дена успеа да покрие поголем дел од долгувањата кон играчите.

Кол во македонската кошарка дојде во втората половина од 2010 година, и тоа како член на екипата на Торус, каде што имаше навистина забележителен настап. Тој беше еден од најдобрите во таборот на Работнички во првиот дел од сезоната. Високиот центар, чија главна карактеристика се атрактивните забивања, е втор стрелец на екипата со просек од 12,9 поени, а прв скокач со просечни 6,3 скока по натпревар.

Според информациите до кои дојдовме, дали Кол и понатаму ќе го носи дресот на Работнички ќе биде решено во текот на денешниот или, пак, најдоцна во текот на утрешниот ден.

Игор Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ