сабота, 27 јули 2024

Брејвик поднесе тужба против Норвешка

Ултрадесничарот, масовен убиец Андерс Брејвик (44), кој во 2011 година уби 77 луѓе во масовно пукање на норвешкиот остров Утоја, има намера денеска да побара од судот во Норвешка да му ја укине изолацијата, но и да ја тужи земјата за наводно ограничување на неговата комуникација со надворешниот свет.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во 2011 година Брејвик прво уби осум лица со автомобил во Осло, а потоа уби уште 69, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоја, што се смета за најголемото злосторство во Норвешка.

Брејвик се наоѓа во високообезбедениот затвор Рингерике, 70 километри северозападно од Осло, просторот што го користи има соба за вежбање, кујна, ТВ-сала и бања, а дозволено му е и да чува три папагали како домашни миленици, кои слободно летаат во областа, пренесува Ројтерс повикувајќи се на локална агенција.

Адвокатот на Брејвик рече дека престојот повеќе од една деценија во самица „без значајна интеракција“ имало разорувачки ефект врз неговиот клиент, додавајќи дека Брејвик е самоубиствено настроен и зависен од лекот за депресија прозак, кој го користи за да ги преживее затворските денови.

Адвокатите што го застапуваат Министерството за правда велат дека Брејвик мора да биде одвоен од останатата затворска популација поради постојаната безбедносна закана што ја претставува и дека неговата изолација е „релативна“, со оглед на неговиот контакт со чуварите, свештеникот, здравствените работници и до неодамна, со надворешен волонтер кого Брејвик повеќе не сака да го гледа.

Брејвик се гледа и со двајца затвореници по еден час секоја втора недела.

Како што тврдат адвокатите, контролата врз контактите на Брејвик со надворешниот свет е оправдана со ризикот тој да ги инспирира другите да вршат насилни дејствија.

Тоа особено се однесува на контакти со крајно десничарски кругови, вклучително и луѓе што сакаат да воспостават контакт со Брејвик како резултат на терористичките акти од 22 јули 2011 година, рекоа адвокатите, наведувајќи го како пример Брентон Тарант, кој инспириран од злосторството на Брејвик, уби 51 лице во две џамии во Крајстчерч, Нов Зеланд, во 2019 година.

Брејвик е осуден на 21 година затвор, што е најдолгата казна што може да ја изрече норвешкиот суд, која може да биде продолжувана сѐ додека тој се смета за закана за општеството.

Тој во 2016 година ја тужеше Норвешка, тврдејќи дека ја прекршува Европската конвенција за човекови права, вклучувајќи делови во кои се вели дека никој не треба да биде подложен на „тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување“.

Тој првично го доби случајот, но по жалбата тоа беше поништено една година подоцна.

Денешното рочиште ќе се одржи во фискултурната сала на затворот, лоцирана на брегот на езерото Тирифјорден, каде што се наоѓа островот Утоја, без порота, а пресудата ќе биде изречена во наредните недели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ