Сосетката која живеела куќа до куќа до обвинетата во Кратово кажа дека ја познавала обвинетата. Нејзиниот впечаток бил дека Илијевска била грижлива мајка, педантна, мирна и тивка жена. Сосетката повеќе се дружела со свекрвата на обвинетата, немала интензивна дружба со Ванѓелица. Одговарајќи на прашањата на одбраната, сосетката кажа дека често слушала караници на висок тон од куќата во која живеела Ванѓелица со нејзиниот сопруг, децата и свекорот и свекрвата. Но, не знаела точно што се случува. Таа раскажа дека додека седела на тераса видела како сега починатиот Јован, сопруг на Вангелица ја туркал и ја мавал на нивната тераса. Откако сосетката испуштила крик, тој ја внел Ванѓелица во куќата по што, таа ништо не слушнала.
Во друга ситуација, кога нејзините внуци си играле со децата на Ванѓелица, забележала модринки по нејзиното лице и ја посоветувала како повозрасна да си ги земе децата и да си оди. Таа забележала и невообичаено однесување на Вангелица кога во зимски услови била несоодветно облечена и делувала изгубено, ама не знаела дали обвинетата посетувала психијатар. Во друга ситуација додека пиеле кафе со свекрвата на обвинетата и друга сосетка виделе како доаѓаат претставници од Центарот за социјални работи, свекрвата и рекла дека тоа е работа на Ванѓелица. Одговарајќи на прашање на јавниот обвинител за состојбата додека гледала на терасата дали пријавила во полиција, таа одговори дека го раскажала случајот на нејзиниот вонбрачен сопруг, но тој и кажал „да си гледа своја работа и да не се меша во работите на комшиите“. Сосетката рече дека немала ништо лошо со Јован и останатите членови на семејството, со кои се почитувале како соседи и кажа дека не го видела Јован пијан.
Денеска сведочеше и таткото на Вангелица, кој кажа дека на почетокот од брачната заедница, двајцата живееле кај нив во семејната куќа во Бутел. Таткото го опиша нивниот брак како катастрофален, пеколен, додавајќи дека неговата ќерка постојано била изложена на психичко и физичко насилство. Првата година рече била прифатлива, проследена со караници. Подоцна кажа дека Јован почнал интензивно да пие и по раѓањето на внукот, „бракот веќе не личел на брак“. И кажувал на ќерка си дека нема потреба да остане во таков брак. Подоцна поради желбата на Јован се вратиле во неговата куќа во Кратово.
Одговарајќи на прашања на одбраната рече дека Јован никогаш не ја пуштал Вангелица да дојде сама со децата во неговиот дом и доаѓале само еднаш годишно, но и тој кај нив одел еднаш годишно. Тој кажа дека во еден случај полицијата ја довела ќерка му претепана и тој ја молел да остане. Цело време и се јавувал сопругот кажувајќи и дека нема кој да се грижи за децата и таа по три дена заминала од неговата куќа во пет часот наутро. Во емотивното сведочење кажа дека ќерка му имала само 37 килограми по немилиот настан. На прашања на обвинителството тој раскажа ситуација дека син му, му кажал дека Јован ја претепал ќерката и дека таа е во полиција. Тој се вратил од кај соседот каде бил и го затекнал Јован како плаче и повторувал што направил. Во неврзан разговор, зетот му кажал дека „жената е само за тепање“. На прашање на адвокатката на оштетената рече дека Вангелица се жалела на однесувањето на свекрвата и на золвата, не толку од свекорот.
„И сосетката и таткото кажаа дека таа и покрај физичкото и психичко малтретирање, останала во брак поради децата, со што се потврдува нашата теза дека се работи за долгогодишна жртва на семејно насилство, за што има решенија, одлуки, медицинска документација, пресуди, со кои бил казнуван за семејно насилство кои за жал, не вродило со плод и завршиле со овој трагичен настан и кобен исход. Јас би сакал ова да биде последен пример кога долгогодишни жртви на семејно насилство ќе бидат оставени на страна од општеството, институциите и секој од нас како граѓанин има и морална и лична и правна одговорност да ги заштити и закрили овие жртви, особено жените и децата“, изјави адвокатот Христијан Георгиевски.
На првото рочиште обвинетата кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа на 13 јуни годинава Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован. На претходните рочишта сведочеа мајката и сопругата на Јован и Стојан, како и сосед на семејството, беа сослушани вешти лица од психијатрија и од лабораторија за биолошки траги-ДНК анализа на предлог на јавното обвинителство.
Наредното рочиште е закажано на 9 април годинава и тогаш ќе бидат сослушани сведоци и вешти лица на предлог на одбраната.