сабота, 27 јули 2024

Брачен пар во притвор, сопругата маскирана ја ограбила сосетката, мажот златото го закопал во дворот

Сопружници завршија во притвор откако било откриено нивното разбојништво. Мажот направил план, сопругата се маскирала, ја соборила сосетката и ѝ го одзела вредниот златен синџир. Сопругот потоа го закопал во дворот. Сега против нив е отворена истрага.

Објавено на

часот

Сподели

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца сопружници, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Мажот направил план заедно со сопругата на сила да одземат златни предмети од нивна 72-годишна сосетка, која често ја посетувале и знаеле за накитот што таа го носи на себе.

На 31 октомври осомничената жена ја повикала жртвата да дојде кај нив на вечера. Во вечерните часови, кога оштетената се јавила дека доаѓа и тргнала, осомничениот на својата сопруга ѝ дал капа и марама за да се маскира, како и дрвена палка.

Таа се маскирала, ја пресретнала оштетената во близина на нивниот дом, ја фатила за вратот и ја соборила на земја, па и го одзела златното ланче од вратот вредно 60.000 денари, по што побегнала.

Украдениот накит заедно со сопругот го закопале во дворот од нивната куќа, а облеката ја сокриле во куќа во изградба, каде подоцна била пронајдена.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и оштетената или да го повторат делото, обвинителството соопшти дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, како и мерка куќен притвор за осомничената. Судот го прифати предлогот и ги определи бараните мерки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ