Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека на средбата освен што се разговарало за можностите за проширување на соработката во областа на енергетиката, биле договорени и конкретни активности за реализација на две иницијативи на министерката Божиновска и тоа за одржување заедничка седница на министри од двете земји од повеќе ресори, со цел за унапредување на билатералните односи, како и иницијативата за воведување директна линија Скопје – Прага.
„Министерката Божиновска и амбасадорот Лудва, ќе се заложат на седницата да се потпишат и меморандуми за соработка во повеќе области и да разгледаат и конкретни активности за продлабочување на економските и енергетските односи. Дополнително, се предлага во делегацијата да се вклучени и претставници на македонската бизнис-заедница со цел воспоставување партнерства со чешките компании“, се наведува во соопштението.
Министерката Божиновска на средбата ја истакнала важноста на директната поврзаност меѓу двете земји и најавила дека е задоволна што нејзината инцијатива за директна авионска линија со Прага, добила силна поддршка од амбасадорот кој се заложил за нејзина реализација.
„Посебно ме радува што амбасадорот на Чешка во Македонија, г.Лудва ја поддржа мојата иницијатива за директна авионска линија Скопје – Прага. Со заедничка заложба успеавме оваа идеја да е на пат да се реализира и во месеците што следат ќе биде воспоставена редовна авионска линија, која ќе придонесе за олеснување на соработката во трговијата, бизнисот и културната размена. Со тоа поставуваме нови темели за партнерства и инвестиции“, изјавила Божиновска.
Божиновска и Лудва информирале дека освен директната авионска линија Скопје-Прага се разгледува и можноста за воведување и на сезонска линија Прага – Охрид, со цел стимулирање на туристичките врски и промоција на Охрид како дестинација од интерес за чешките туристи.
Оваа средба, се додава во соопштението, претставува значаен чекор напред во градењето на силни билатерални односи и отворање нови перспективи за соработка меѓу Чешка и Македонија, што е од интерес за граѓаните и економиите на двете земји.