„Дали со предвремената аболиција на Зелкарот? ‘Не давам да му се суди на мојот наследник’, рече тогаш шефот на државата. Веројатно ќе се кае цел живот и нема да си прости. Затоа што Зелкарот набрзо си ги покажа роговите. ‘Кога ќе дојдеме на власт живи луѓе ќе јадеме’, изјави тој. И, напредуваше во својата партија. За сметка на умните луѓе што се повлекуваа или беа деградирани. Момчето црпнато од нива си изгради партиска мрежа од медиокритети и продолжи да се искачува. По неговата изјава ‘eдно евро за Вицето, едно евро за црквата’, Харадинај одлично процени дека Зелкарот и родена мајка ќе продаде на ситно. А по колнењето ‘Да ми умрат мајка, татко, жена, деца, aко го продадам името’ -веќе за неговото хазардерство немаше пречки. Овој тип успешно лаже, рекоа и помоќните од него. Така, чекор по чекор, до провалија меѓу партијата СДСМ и народот. Штета. Не би сакал оваа државотворна партија да ја дели судбината на Демократска aлтернатива на Циле. Но, како да се извлече од жалниот процес на негативна селекција и да стекне поголема доверба кај народот?
Kруна на глупостите видовме деновиве. Влегува моќник од СДСМ во НУБ ‘Свети Климент Охридски’ и изјавува: ‘Многу книги сте имале’. Не знае дека библиотеките во европските градови од рангот на Битола имаат многу повеќе книги. Затоа што нашиот Пантеон на книгата одамна не купува книги. А пак ‘кадарот од СДСМ’ не прашува зошто новиот дел од библиотеката е под клуч, зошто некогаш убавата зграда се распаѓа? Проклета да е таа негативна селекција на кадри во било која држава. Ја убива гордоста и води кон депресија“, вели во изјавата за МКД.мк академикот Божин Павловски.