Поглаварот на МПЦ-ОА порачува сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во црквата Христова. Милостивиот бог, преку неговата љубов и неговата благодат, истакнува г.г. Стефан, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот дух.
„Празнувањето на Божиќ нè поставува пред изборот како ќе одговориме пред Христа Богомладенецот: дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел; или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост Му се поклонија на новородениот Цар? Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та нему да му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на неговото вечно царство“, порачува г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА.