сабота, 27 јули 2024

Бошњачките политичари ја слават наметнатата измена на изборниот закон, Србите огорчени: „Ова е шлаканица за ЕУ“

Бошњачките политичари во власта на Босна и Херцеговина ја поздравија одлуката на високиот претставник Кристијан Шмит да наметне измени на изборниот закон на таа земја, додека политичарите на босанските Срби огорчено реагираа најавувајќи дека Република Српска поради тоа самостојно ќе ги организира идните избори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за надворешни работи на БиХ и лидер на владејачката партија Народ и правда Елмедин Конаковиќ кажа дека ја поздравува одлуката на Шмит бидејќи ја смета за важен придонес на заштитата на интегритетот на изборниот процес, а со тоа и на демократијата во земјата.

„Конечно да одлучуваат гласачите, а не бројачите (на гласови)“, напиша Конаковиќ на социјалните мрежи откако Шмит наметна решенија според кои во иднина ќе се скенираат гласачките ливчиња, дополнително ќе се проверува идентитетот на гласачите, а гласачките одбори ќе се ослободат од партиски влијанија.

Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез соопшти дека измените ќе го направат изборниот процес потранспарентен и подемократски.

„Конечно ќе имаме резултати од изборите кои ќе ја одразуваат волјата на граѓаните, а не на политичарите. Особено ми е драго за делот на одлуката со кој им се забранува на воените злосторници да се кандидираат на избори“, објави Хелез.

И американската амбасада го поддржа Шмит. Објавија дека жалат за тоа што политичките партии во БиХ не успеале самите да постигнат договор па реакцијата на високиот претставник била неизбежна.

„Од витално значење е да се обезбеди изборите да бидат слободни и чесни и граѓаните на БиХ да знаат дека нивните гласачки ливчиња ќе бидат преброени како што се дадени“, се наведува во соопштението објавено на Икс.

Во Република Српска, пак, се гневни затоа што Шмит повторно посегна по своите широки овластувања.

„Ова е плаканица за демократскиот процес и европскиот пат на БиХ, како и шлаканица за Европската Унија“, изјави српската членка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ.

Таа и претседателот на Република Српска Милорад Додик сметаат дека Шмит не е законски избран висок претставник бидејќи не го потврди Советот за безбедност на ОН па затоа и нема овластувања да наметнува закони.

Цвијановиќ порача дека одлуката на Шмит ќе ја искомплицира состојбата во БиХ и ќе го успори нејзиниот европски пат, а претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ најави итна седница на народното собрание на која ќе се одлучува за одговор на дејствувањето на Шмит.

„Недозволиво е наметнување закони и РС тоа не го дозволува“, изјави Стевандиќ.

Додик претходно кажа дека, ако Шмит наметне измени на изборниот закон на БиХ, Република Српска ќе донесе свој закон и по него ќе ги спроведува сите избори за властите на ентитетот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ