петок, 18 октомври 2024

Борел: Европа работи на сценарио за разорна конвенционална војна со Русија

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во порака до американската јавност рече дека „речиси сите европски метрополи тесно работат на сценариото за речиси неизбежната можност за мошне разорна конвенционална војна во Европа“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Борел, во изложувањето на Универзитетот Џорџтаун во Њујорк, кое беше објавено во Брисел, нагласи дека „сите, се разбира, се надеваат дека тоа нема да се случи, но Европејците вклучија тревога“, бидејќи се во прашање нивните животни интереси.

Пораката на Борел се совпадна со договорот на лидерите на Франција, Германија и Полска да продолжат силно да ѝ помагаат на Украина во војната со Русија, со цел никогаш да не се дозволи Русија да победи и да ги поддржуваат Украинците до крај.

Затоа што „тоа е сила за нас, нашите народи, нашата безбедност и нашата Европа“, како што рече францускиот претседател Емануел Макрон.

Медиумите, аналитичарите, а делумно и политичките лидери во ЕУ истовремено признаваат дека нема целосно единство во Европа, особено во однос на тоа дали на Киев, покрај основната муниција, да му се даде и оружје со долг дострел, што може да ја претвори војната во катастрофален директен конфликт меѓу Западот и Русија.

Летонија воведе систем на „тотална одбрана“, а нејзиниот претседател Едгар Линкевичс вели дека „Русија треба да биде уништена“.

Договорот меѓу лидерите на Франција, Германија и Полска, меѓутоа, беше оценет како обезбедување на украинската армија со „муниција за артилерија од долг дострел за да се спречи победата на Русија“.

Оваа обновена „Вајмарска тројка“ на лидерите на трите земји, Шолц, Макрон и полскиот премиер Доналд Туск, сепак не оди дотаму да предвидува распоредување војници на НАТО во украинско-рускиот конфликт, што Макрон го спомна, а за што словачкиот премиер Роберт Фицо рече дека и самата помисла „му предизвикува морници во ‘рбетот“.

Шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, категорично го отфрли тоа, велејќи дека „не сме во војна со Русија… никогаш за тоа не било разговарано во НАТО и не е разбирливо зошто треба да се зборува за сценарио со крајно опасни последици, вклучително и трета светска војна“.

За Макрон, француските медиуми и коментатори наведуваат дека тој ненадејно од „гулаб“ и застапник за мировни преговори со Русија се претворил во „воен јастреб“, бидејќи постојано навестува можност за испраќање војници на НАТО во Украина.

Сепак, општа оценка е дека позициите на две земји важни за функционална ЕУ, Франција и Германија, сè уште се различни или спротивставени не само за тоа каква улога треба да има Европа во украинско-рускиот конфликт, туку и за внатрешните прашања на ЕУ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, и покрај притисокот, не се откажува од ставот дека Берлин нема да му ги испорача на Киев опасните смртоносни германски крстосувачки ракети таурус, кои можат да стигнат длабоко во руска територија, вклучувајќи го и Крим и тамошниот важен мост.

Истакнатиот германски аналитичар Волфганг Муншау објаснува дека канцеларот Шолц ќе продолжи да ја поддржува Украина со снабдување со муниција и оружје за противвоздушна одбрана, како и со пари.

„Но Шолц“, посочува тој, „значително се разликува од неговите западни сојузници во суштинската позиција, а тоа е дека тој би бил многу посреќен да постигне решение што ќе ѝ стави крај на војната на сегашните линии на судир“, што за Киев, балтичките земји, Полска и САД е апсолутно неприфатливо.

Борел, кој во своите презентации секако го зема предвид мислењето на мнозинството членки на ЕУ, на Универзитетот Џорџтаун објасни дека војната во Украина влегла во нова фаза.

„На Русија ѝ треба“, рече високиот функционер на ЕУ, „да не загуби за да победи, додека за Украина е нужно да победи за да не загуби“.

Според Борел, „руските животи се евтини за Путин, додека Украина нема ниту средства ниту сака да жртвува голем број свои жители“.

Тој забележа дека војната постепено оди во корист на Русија, која ги зајакна своите одбранбени позиции, ја користи супериорноста во муниција, жива сила, беспилотни летала и електронско војување и смета дека победува во оваа војна на исцрпување, така што нема изгледи за почнување мировни преговори, освен Украина да се предаде.

Борел исто така истакна дека иако се согласуваат дека Русија е огромна закана за Европа, нивните ставови за тоа како да се спротивстават на таа закана се многу помалку усогласени.

Неговото излагање во Њујорк, исто така, содржеше предупредување дека европските сојузници ќе бидат силно погодени и потресени доколку на претседателските избори во САД во ноември победи Доналд Трамп, кој вели дека значително ќе ја намали американската одбранбена поддршка за Европа и дека сака да ја запре војната во Украина, дури тоа и да значи победа на Русија.

Шолц стравува дека во таква ситуација Европа нема може сама да ѝ се спротивстави на Русија, додека се чини дека Макрон мисли дека токму поради треба да се остави некаква „стратегиска двосмисленост“ кога станува збор за испраќањето војници на НАТО во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ