четврток, 26 декември 2024

Борбата против криминалот ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

По повод шест месеци од работата на Владата, опозициската СДСМ денеска на прес-конференција ги критикуваше политиките на сегашната владејачка коалиција, пред сѐ во економијата и судството. Ова беше причина за брза и остра реакција од страна на владеачката ВМРО-ДПМНЕ која смета дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче “прави кловн од себе“. Единствено за што се согласни ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е ставот на лидерите Венко Филипче и Христијан Мицкоски дека политичарите не треба или треба што помалку да ги коментираат судските одлуки.

 

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека се воведува „тотална партизација во институциите и се узурпира судството“, а етничките тензии во општеството ги нарече „таканаречен конфликт“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да се оттргне вниманието од реалните проблемите.

Според претседателот на СДСМ, има партизација со „епидемиски размери“ во „клучните институции во судството и безбедноста“. Рече дека во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е поставен „целосно нелегитимен директор без никакви квалификации“, а сите новоизбрани судии, според него, се „личен избор на Мицкоски“.

„Овој систематски обид за целосно партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која, според СДСМ, е директен удар врз демократијата. Вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон…СДСМ ја повикува целата македонска и меѓународна јавност да ја спречи оваа тенденција на узурпирање на судската власт“, истакна Филипче.

Додаде дека „овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи“ и на она што Мицкоски го потпишал во планот за раст пред  неколку месеци во Брисел.

Според Филипче, „недозволиво и скандалозно“ е што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) вчера донела одлука дека е ненадлежна за стекнатото образование на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Како што рече, ДКСК се повикала на „некакви документи и анализи направени од Државниот просветен инспекторат“. Поради тоа, рече, „одат чекор понатаму“ и сега го повикуваат Инспекцискиот совет и министерката за образование да интервенираат.

„Сите ги видовме дипломите на директорот на АНБ. И малите деца  видоа дека факултет е завршен за една година. Недозволиво е да помине таква одлука врз основа на некаква анализа на инспектори од ДПИ. Ја повикувам министерката за образование, одлична професорка по патологија на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што еден испит заради нејзината принципиелност се полагаше и по шест месеци. Сега да не ‘аминува’ одлука во која факултет може да се заврши за една година“, рече Филипче, повикувајќи повторно да се направи анализа и повторно документите да се разгледаат од Антикорупциската комисија.

На ваквите тврдења на Филипче веднаш стигна остра реакција од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека Филипче и СДСМ немаат кредибилитет да зборуваат за судството.

„Филипче и СДС кој го поставија митаџијата и десна рака на Заев, Наќе Георгиев за член на Судски совет немаат кредибилитет да зборуваат за судството. Жално е да се гледа како Филипче прави кловн од себе. Партизацијата на АНБ ја направија тие, а Судскиот совет беше Зајас Муртински совет. Судскиот совет беше племенски совет меѓу Муртино и Зајас. СДС кои го поставија митаџијата Наќе Георгиев сега зборуваат за судството, која трагедија. СДС се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДС. СДС и Филипче го имаа и Иџет Мемети како заменик претседател на Советот на јавни обвинители, митаџија исто како Наќе Георгиев.

Кога станува збор за АНБ, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во време на СДСМ ја водеше нивен член на Извршниот одбор (ИО) и претседател на партиски комисии, Виктор Димовски.

„Немаше институција која не беше партизирана и пополнета со неспособни кадри. Болката кај СДС и Филипче е тоа што веќе тие не поставуваат, и што нема да има кој да им ги штити криминалците. Филипче наместо да чита пресови нарачани од Зајас и Муртино, за спас на криминалци политичари подобро ќе беше да го трошеше времето на конструктивност и дистанцирање од криминалците“, реагираа од владеачката партија.

Филипче уште смета дека соопштенијата на власта за бегството на поранешниот вицепремиер, Артан Груби се контроверзни и дека има „политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“.

Единствено за што се согласни ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е ставот на лидерите Венко Филипче и Христијан Мицкоски дека политичарите не треба или треба што помалку да ги коментираат судските одлуки.

Прашан за став за мислењето на Јавното обвинителство за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски за случајот „Организатори на 27 април“, Филипче одговори оти сака да верува „дека сите органи во рамките на судската власт работат непристрасно и професионално“.

„Сметам дека што помалку ние, политичарите, ги коментираме тие одлуки, толку ќе расте и довербата во судството, со тоа што тие треба да работат без никаков политички притисок. За жал, ние во овој момент гледаме нешто сосема друго, гледаме обиди за тотална партизација на судството“, рече Филипче.

Во однос на истрагата за криминал од Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ, кадар од СДСМ, тој одговори дека сите истраги треба да се водат професионално и да нема „никаква доза на партизација во постапките“.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вчера не сакаше да ги коментира случаите со најавената амнестија за организаторите во настаните од 27 април и случајот со сомнежите за злоупотреба на пари во Државна лотарија.

„Тоа е судска одлука. Јас не би имал што да додадам, што да коментирам. Се сеќавате и во текот на расправата и во текот на претресот имаше контроверзни изјави од многумина од учесниците во овој процес така што јас би се воздржал од каков било дополнителен коментар“, рече премиерот Мицкоски, кој вчера беше на започнување на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон манастирот Пеленица во Општина Кисела Вода.

На денешната прес конференција Филипче ја критикуваше и работата на Владата во делот на економијата и кажа дека власта ги напуштила политиките на СДСМ за раст на платите, наместо да ги намали платите на функционерите, тие останале непроменети, не прифатила ниту еден амандман од СДСМ за буџетот за 2025. Како што рече, се планира укинување на недела неработен ден и се „заговара“ поместување на старосната граница за пензионирање.

Лидерот на СДСМ смета и дека владејачките партии ги користат етничките тензии за одвлекување на вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Според него, се работи за таканаречен конфликт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ што е „само театар кој им служи на нивните политички агенди“.

Филипче денеска од партиското седиште на СДСМ понуди натпартиска стратегија за долгорочен развој на државата и најави масовна теренска кампања по празниците за да ја промовираат новата платформа на партијата која ги става граѓаните на прво место.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ