понеделник, 24 јуни 2024
Алис Тејлор

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Бoрба за вода во Албанија: заштитените реки на удар

Во последниве шест месеци австриската компанија Старбаг поставува цевки за пренасочување на водата од реката Шушица до албанската ривиера за да ги задоволи барањата на туризмот. Сепак, овој проект ќе ги остави локалните жители без вода, како дома така и во земјоделството.

На 27 мај група локални жители од долината на реката Шушица, заедно со активисти и граѓани од Валона и областа Вјоса, поставија голема водоводна цевка пред канцеларијата на премиерот Еди Рама. Таа беше испишана со 1.500 потписи на луѓе кои се противат на предложениот проект за вадење вода кој ќе има влијание на реката Шушица, која е притока на реката Вјоса а која сега е заштитена по спроведената глобална кампања за нејзино прогласување за национален парк.

Во последниве шест месеци австриската компанија STRABAG поставува цевки за пренасочување на водата од реката Шушица до албанската ривиера за да ги задоволи барањата на туризмот кој, како дејност, доживува процут во земјата. Со оглед на тоа што оваа година се очекуваат околу 10 милиони посетители и изградба на нови луксузни одморалишта и комплекси кои никнуваат долж брегот речиси секој ден, за ваквиот забрзан раст нема доволно вода која ќе може да ги задоволи потребите.

Сепак, овој проект финансиран од Германската банка за развој и ЕУ кој има за цел пренасочување на водата од реката Шушица ќе ги остави локалните жители без вода, како дома така и во земјоделството.

„Изградбата која е во тек мора веднаш да запре. Овој проект ќе уништи една цела долина и ќе ги остави луѓето, стоката и земјата без вода. Нема да дозволиме тоа да се случи. Решени сме да ја запреме изградбата доколку денеска не нѐ слушнат. Ние не сме против вода за Химара, но сме регион на национален парк и не смееме да дозволиме вакво нешто да ѝ се случува на нашата Шушица“, вели Лела Ќејвани, локален активист.

Загриженоста на Лела ја повтори и локалниот градоначалник Астрит Балилај, кој забележува дека реката Шушица треба да биде заштитена со закон.

„Дојдовме во Тирана да ја покажеме нашата одлучност. Не сакаме овој проект да се реализира. Нашето село и сите останати ќе бидат засегнати од пренасочувањето на изворот Лепуша. Шушица е дел од националниот парк и таа треба да се заштити“.

Проектот за пренасочување на водата ќе засегне неколку илјади луѓе кои живеат во вкупно 37 села, вклучувајќи ги тука Куч, Братај, Коте, Пешкопеја, Трбач, Враништа, Каларат, Месаплик, Лепеница, Ѓорм, Селеница и други.

Не само што реката претставува извор на живот за жителите, туку Шушица изобилува со извонредно богата биолошка разновидност.

„Ако продолжи реализацијата овој проект, Шушица – или барем големи делови од неа – ќе мора да го загубат статусот на национален парк. Ова би било огромна загуба за природата и за локалните заедници кои не би биле во можност да ги користат придобивките од туризмот во националните паркови. На крајот на краиштата, ова е и избор помеѓу екотуризам и подлегнување на масовен туризам“, вели Улрих Ајхелман од невладината организација Ривервоч.

Последната дива река во Европа

Шушица и нејзините извори се клучна притока на Вјоса, која е последната голема дива река во Европа, надвор од Русија. Долж своите 270 километри таа тече без прекин сè до Јадранското Море. Во 2023 година, по десетгодишна кампања на активисти и локални и меѓународни организации, албанската влада ја прогласи за Национален парк – највисоко можно ниво на заштита, што значи дека таа и нејзините притоки ќе бидат заштитени од изградба и слични активности.

Посетата на научници од Европа на реката Шушица во 2021 година со цел да се проценат флората и фауната на областа даде голем резултат. Во тој период, локалниот биолог Бетилда ми кажа дека водата под многу познатиот Отомански мост Братај е полна со плекоптера, кој е организам кој живее во чиста вода – нешто што е сè поретко во европските реки.

„Ако ги уништите нејзините гранки, и Вјоса исто така ќе биде уништена, исто како стеблото на дрвото кое на крајот умира ако му ги отсечете сите гранки“, ми рече професорот Фриц Шимер од Универзитетот во Виена во 2021 година.

Повеќето од плановите за изградба на мали хидроенергетски проекти на овој дел од реката се откажани, но пренасочувањето на водата суштински ќе значи ризик од целосно пресушување на речното корито.

Овде може да се најдат змии, гуштери, саламандери, безброј видови риби, птици и разни цицачи, кои живеат во хармонија со реката, а можете да го видите начинот на кој водата значи живот за земјиштето околу неа, при што благодарение на реката цвета вегетацијата во и околу долината.

Само неколку метри откако ќе го помине мостот, реката се отвора во повеќе канали како плетенка. Научниците кои ме придружуваа ме уверија дека ова е нешто многу посебно.

„Сите слични локации во Европа се одамна уништени, и ова е единственото нешто што остана. Би било страшно ако дозволиме нејзино нарушување. Од исклучителна важност е да ја разбереме нејзината целосна вредност и да ја заштитиме најдобро што можеме“, додаде Шимер.

Анет Спангенберг од невладината организација „ЕуроНатур“ се согласува со таквото тврдење: „Реката Вјоса беше прогласена за национален парк не само за да се заштити главната река, туку и за да се заштити живиот и недопрен речен екосистем, во кој клучна компонента е Шушица. Одземањето вода од Шушица ќе претставува значителна закана за еколошкиот интегритет на Националниот парк Дивата река Вјоса“.

Растечки туризам

На околу 50 километри, во Химара, хотелите и местата за преноќување се подготвуваат за летната сезона.

Некогаш мирно село на југот од земјата, место каде што живее грчкото малцинство и со многу стари камени куќи и празни, полуизградени вили, Химара сега се позиционира како водечка луксузна дестинација во Европа. Ноќевање во хотел или луксузна вила може да ве чини повеќе од 300 евра по ноќ во летните месеци а цените на оброците и коктелите се слични на оние во Миконос или на брегот Амалфи.

2023 година беше најдобра година во Албанија од аспект на туризам, но инфраструктурата не успеваше да фати чекор со побарувачката. Покрај тоа, сообраќајниот метеж, зголемените цени што ги „избркаа“ локалните жители и проблемите во приспособувањето на стандардите за услуги да бидат соодветни на оние од Западна Европа беа работи кои постојано беа актуелни на социјалните мрежи и онлајн форумите.

Во очекување на милиони дополнителни туристи и со оглед на тоа дека е сè поголем бројот на сопственици на бизниси во Албанија кои сакаат да профитираат од популарноста на земјата, сè поголем е бројот на куќи за гости, хотели и други форми на сместување. На сите нив ќе им треба вода за чистење, готвење, туширање и, се разбира, за луксузни базени.

Голем дел од Албанија има проблем во тоа да овозможи постојано снабдување со вода во текот на остатокот од годината, а да не зборуваме во период кога земјата ја посетуваат значителен број туристи. Во информативниот лист на невладината организација Балкан Риверс се констатира дека Драч, Валона, Химара и Саранда, по должината на целиот брег, се соочуваат со значителни проблемите во однос на снабдувањето со вода.

Како резултат на тоа, албанската влада покрена иницијатива наречена Вода 24/7 со цел да обезбеди вода за пиење за сите општини, барем во урбаните средини, и тоа дваесет и четири часа во денот. Оваа цел треба да биде постигната до 2025 година и опфаќа 80.000 жители и туристи во Химара, каде што проектот за пренасочување на водата официјално започна во јануари 2023 година.

„Се ќе биде во ред“

Локалните жители велат дека не биле официјално информирани за проектот, ниту пак биле прашани во фазата на планирање кога требало да се одржат консултации. Други велат дека проценката на влијанието врз животната средина не била точна или не одговарала на реалноста.

Од Албанскиот фонд за развој, кој е владина агенција што ги изведува работите, изјавија за БИРН дека проектот нема да има значајно влијание врз животната средина и дека животот на луѓето во локалните заедници ќе биде „подобар потоа“.

Но, ова не е доволно за да ги смири локалните активисти. Олси Ника од ЕкоАлбанија изјави дека, за решавање на проблемот во Химара, може да се искористат голем број на други извори на вода, и дека неговата организација и жителите нема да дозволат влошување на ситуацијата.

„Овој проект за пренасочување не е само деструктивен, туку и непотребен. Постојат многу алтернативни извори на вода надвор од границите на националниот парк за да се задоволат потребите на Химара, доколку тоа е потребно. Заедно со жителите на Шушица, законски се спротивставуваме на проектот преку Управниот суд.“

Алис Тејлор

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

„Климатска бирократија“

Андреј Дамески

ВИ под лупа: дигиталниот екосистем, ЕУ и Македонија

Весна Попоска

Кoj ќе го наследи Ебрахим Раиси?

Мурат Алиу

Kaко светот гледа на решението „две држави“ за Палестина и Израел

Кит Кларенберг

Чарлс Гарет и пучот во Македонија

Ристо Цицонков

Клима уреди во училницата?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ