среда, 29 мај 2024

Боки 13: Обвинението за случајот 27 април е пишувано „од ракав“ и за кој, како му дојде

Поради случајот 27 април обвинителката Вилма Русковска доби шефовско место. Го доби предметот да го работи, па стана и шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал. За да се изживува со луѓе, упропасти толку места, обвини вчера поранешниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13. Тој во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров тврди дека обвинението за овој случај било напишано „од ракав“, а повикувајќи се на пораки кои ги разменувал со Русковска но и со обвинителот Наум Паноски.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Цитирам порака дека ‘обвинението е пишувано од ракав и дека кому-иде луѓето се ставени таму’“, рече Бојан Јовановски во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров.

Потоа, посочи дека на 13 март 2019 година бил во комуникација со Русковска, на два дена пред пресудата за 27 април.

„Таа ги знаеше пресудите за 27 април порано од судот, пред да ги изрече и да донесе пресуда. Јас и пишувам, ‘утре ќе ја пренесуваме пресудата за 27 април, цела’, Вилма враќа, ‘ќе биде интересно, највисоки казни, после ќе давам изјава’. Јас враќам ‘значи Кацарска (Добрила Кацарска судијката што го водеше случајот, н.з.) ќе направи лом’, Вилма вели, ‘лом, лом, ќе видиш’. Јас и викам, ‘дај некоја ексклузива’, јас и барам ексклузивна вест за телевизијата. Она ми одговара: ‘само една ослободителна, другите сите високи’. Русковска вели, ‘после пресудата ќе ја бараме Кацарска да гостува’ и точно, дојде кај новинарката и уредничка Гордана Дувњак да гостува во емисија. Таа ми изнесува пресуда пред пресудата да биде изнесена. Потоа ми зборува за директори кои што ќе бидат ексклузивно апсени за две недели…“, додаде Јовановски.

На ваквите тврдења на Јовановски се осврна поранешниот обвинител Воислав Димоски кој на својот фејсбук профил напиша дека никој не е изненаден од околноста дека обвинителката, која е нели, странка во постапката ги знаела пресудите за случајот 27 април пред судијката јавно да ги изрече.

„Никој не се изненади ни кога таа судијка стана судија и претседател на Уставниот суд, а начинот на кој го спроведе судењето се предава на универзитети ширум светот како пример за кршење на правото на одбрана. Никому не му е чудно што обвинител кој на дневна основа лиферувал информации до Боки 13 за обвинителски предмети напредувал до обвинител во Републичкото обвинителство, откако претходно под закрила на Началникот стигнал до одделението за организиран криминал. Напредувањето во кариерата било очекувано бидејќи луѓе кажуваат дека го виделе како се гушка со тогаш новиот премиер. Место на гушкање, охридски хотел за чии диво изградени делови пак, друга обвинителка ќе го заташка предметот и ќе биде наградена со напредување во кариерата. Очекувано! Дури не се прекине синџирот на негување на правосудни функционери кои се слуги на сите господари, нема што да зборуваме за реформи во правосудството! Правдата треба да се врати во рацете на праведните!“, напиша Димоски на фејсбук.

Тој ги читаше, како што тврди, пораките со Вилма Русковска, која ја обвини дека се изживувала со луѓето.

„Јас ја прашувам на 23 февруари 2019 година, ‘Вилмич, кај сакаш да седнеме на вечера’. И ги повикувам медиумите, еве, и таа не гледа, можеби само е во алкохолизирана состојба, да и се јават и да ја прашаат дали е тоа точно или не е, ако е тоа точно. Вилма ми одговара ‘ќе ви јавам, само да завршам’, јас ја прашувам ‘што сакаш од Италија, Вилмич’, таа ми одговара: ‘Од Италија само кондури се купуваат’, јас ја прашувам, ‘кој број кондури носиш Вилмич’, таа вика ’37’, па вика дека кога била во Рим, само кондури купувала. На 20 март 2019 година ми вели, ‘пуштај ми новинар, ќе го викнам на распит Зоран Караџовски (поранешен претседател на Судски совет, н.з), многу ми е одвратен, ќе го уништам’, јас ја прашувам ‘за што го викаш на распит?’, таа ми вели ‘нели му отворив предмет за бонусите кои ги потпиша за судиите’. Јас ја прашав кога и треба новинар, а таа одговара, ‘одвратен ми е, ќе ти кажам што да го праша новинарот’. Таа ги уредуваше работите. Тоа го правела во случајот Рекет, цело време“, рече Јовановски.

Тој во гостувањето во подкастот на Лазров продолжи да ги чита пораките во кои, како што вели, обвинителката Вилма Русковска му забележува дека 1ТВ континуирано ја фали тогашната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева.

„Потоа ми вели. ‘само вие фалете ја Катица и тие дебили за да можат да им го донесат законот за да зимаат уште повеќе бонуси’. Јас и одговарам, ‘не сум во тек на пат сум’. Таа вика. ‘па на вести само тоа објавувате и уште најавувате дали јас сум можела да ги постигнам овие резултати во ОЈО-ГОКК. Срамота. Ај те молам кажи за кои стандарди треба да се борам’. Значи, таа уште во тоа време, имаше анимозитет кон Катица и СЈО. И вели, ‘или треба да бидам неписмена како свиња Катица’. Потоа ми вели, ‘онаа дувнатата од кај тебе од ТВ многу се замислува’. Мисли на новинарката и уредничка Гордана Дувњак и кажува дека веќе нема да гостува. Потоа вели, ‘оној шпионот Сашо Ордановски немора толку да одработува за СЈО, ја изгледав емисијата за 27 април, на што личеше тоа?’. Јас и викам, чекај да видам, те барам“, додаде Јовановски.

Тој посочи дека внукот на Вилма Русковска е обвинител во Куманово, па барала тој да биде вработен кај Катица, Јанева во СЈО, да помогнел.

„Месец март, 2019 година. Откако јас сум ги зел наводно парите од Јордан Камчев. Јас на тоа викам, ‘слушни се со Катица, така е подобро’. Да си се договорат тие две, колешки се. Се оградувам. Претходно кога ми рекла да пробам кај Катица, јас викам, ‘важи, ќе биде’“, додаде Јовановски.

Јовановски вели дека разговарал со обвинителката Русковска, дека ќе дојде ден, кога таа ќе одговара.

„Таа беше свесна дека ова постои во мојот телефон. Тие ме уапсија, мислеа ќе ги има само доказите за Јордан Камчев, снимка, разговори и дека во мојот телефон нема да има ништо. Две недели пред да ме уапсат, една личност ме подучуваше да избришам сѐ од телефонот, да сум го напраел како нов. Ми викаше ‘злу не требало’. Јас на тоа, за да престане да ми зборува, викав, да, да, да избришав. Јас намерно телефонот го држев без пасворд, намерно. Таа кога го зема телефонот, се сретна со пораки, меѓу кои, со пораки со обвинителот Наум Паноски. Виде пораки каде Паноски ја напаѓа, каде дава информации какво ѝ е обвинението за 27 април, мене ми кажува дека е алкохоличарка која е неписмена, тоа се негови зборови и дека други и го правеле обвинението, дека од ракав се обвинети луѓето во овој случај“, рече Јовановски во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ