недела, 20 октомври 2024

Бојмацалиев, шефот на кабинет на Спасовски заработи кривична пријава, стопирал вработување на полицајка

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска поднесе кривична пријава против Митко Бојмацалиев поранешен шеф на кабинет на поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и против началникот на секторот за управување со човечки ресурси затоа што, како што соопшти денеска МВР, стопирле вработување на полицајка од Прилеп која успешно ги поминала сите фази од постапката за вработување со што ѝ го повредиле правото од работен однос.

Објавено на

часот

Сподели

„Првопријавениот М.Б. – виш полициски советник за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и управување со квалитет во БЈБ, а во моментот на сторување на делото на работно место државен советник – шеф на кабинет на Министерот за внатрешни работи и второпријавената М.С. – началник на Сектор за управување со човечки ресурси, стручно оспособување и усовршување во оддел за правни работи и управување со човечки ресурси, не придржувајќи се на законските одредби од Законот за внатрешни работи, кои се однесуваат на засновање на работен однос, повредиле, одзеле или ограничиле право што на работникот му припаѓа“, информираат денеска од МВР.

Како што е наведено во соопштението М.Б., свесно и со намера да не се склучи договор за работа помеѓу Министерството за внатрешни работи и С.Т. од Прилеп, на 27 октомври 2023 година издал наредба на второпријавената М.С. да го повлече веќе изработениот, потпишан од министерот за внатрешни работи и заведен во писарницата на МВР, договор за работа на С.Т., а второпријавената М.С. постапила по издадена наредба од првопријавениот и го повлекла веќе изработениот и потпишан договор за работа.

„На тој начин на С.Т. ѝ го одзеле и ограничиле правото да заснова работен однос во МВР како дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност Скопје, а била вклучена во постапката за вработување како еден од најдобрите студенти од факултетот по препорака на Деканот на факултетот за безбедност, а која воедно успешно ги поминала сите фази од постапката за вработување и ги исполнила сите потребни услови за засновање на работен однос во МВР“, се посочува во соопштението од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М.Б. и М.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки да бидат отстранети од работното место до завршување на дисциплинската постапка. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ