Во рамки на Конференцијата, министерот Бочварски го потпиша анексот на Одлуката на Европската комисија „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија“, со кој Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.
Министерот Бочварски обраќајќи се пред присутните, соопштија од ресорното министерство, ја истакнал важноста од регионалната поврзаност, со посебен акцент на патниот и железнички Коридор 8 и проектите што се реализираат на истиот.
„Денеска ја потпишав Спогодбата помеѓу Северна Македонија и Европската Унија за впишување на овој многу значаен Коридор на оската исток – запад во мапата на главните европски коридори. Оттука наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија, туку политики кои ги реализираме на терен. За Република Северна Македонија ова е стратешки важна одлука на Европската Унија со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридори, на Коридорите 8 и 10“, изјавил министерот Бочварски.
Како што стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски, тој додал дека развојот на Коридор 8 долж оската исток – запад е неопходен економски и политички инструмент кој на регионот ќе му помогне да ја подобри регионалната поврзаност и стабилност.
Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство.
„Со геостратешката положба на Република Северна Македонија и фактот дека коридорите 8 и 10 се дел од главната транспортна мрежа, стануваме неизбежна транспортна рута не само во регионот, туку и пошироко. Целта на транспортната политика на Северна Македонија се коридорите 8 и 10 како дел од основната мрежа до 2030 година односно до 2040 година за проширената главна мрежа да бидат изградени по ТЕН-Т ЕУ стандардите“, се наведува во соопштението.
На Конференцијата, покрај министерот Бочварски, присуствувале и министри за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот, како и претставници на Транспортната заедница и Европската комисија.