среда, 22 јануари 2025
ИНТЕРВЈУ

Боцевски: Политиката на Грција кон Македонија е автоматски и политика на ЕУ кон земјава

Не треба да имаме сомнежи дека зборот на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис не се дава туку така и не е шумолење на ветерот, па не смее да го толкуваме никако поинаку освен како јасна насока за грчката дипломатија, вели поранешниот амбасадор на Македонија во Бразил, Ивица Боцевски во интервју за МКД.мк, а по сѐ позачестените изјави на Мицотакис дека Грција има „оружје“ како да ѝ се спротивстави на Македонија ако не го почитува Преспанскиот договор. Во интервјуто, Боцевски уште зборува и за (не)можноста Грција реално да го блокира македонскиот пат кон ЕУ, блокирањето на европските фондови за земјава, последиците по Македонија, но и можните решенија.

Објавено на

часот

Сподели

Амбасадоре Боцевски, кои сѐ дипломатски оружја може да ги употреби Грција како членка на Европската Унија (ЕУ) за да изврши притисок врз Македонија земја кандидат за влез во Унијата со цел блокирање на процесот на интеграција?

– Европската Унија, според дефиницијата која што ја даде германскиот Уставен суд во неговата оценка за Лисабонскиот договор од 2009 година, е „цврст меѓудржавен сојуз“, каде што самата ЕУ има свои непосредни надлежности, но само онаму каде што државите – членки се согласиле да ѝ ги препуштат. Притоа, секоја држава – членка си го задржува својот суверенитет, а демократската волја на граѓаните доаѓа до израз преку собранијата на државите членки. Со други зборови, ЕУ не е федерација и Брисел не е федерален центар, како што е тоа Вашингтон или Белград во поранешниот југословенски сојуз. Притоа, проширувањето на Унијата останува предмет на едногласност и бара позитивно изјаснување од сите земји – членки без исклучок (украинскиот преседан со веќе „фамозното“ испраќање на Виктор Орбан да се напие кафе е интересен преседан, но тешко применлив во кој било друг случај затоа што е тешко да се замисли повторно да се дојде до таков момент и до таква констелација на меѓудржавни односи, не само помеѓу самите членки на ЕУ, туку и во поширок контекст). Грчката дипломатија е една од убедливо најдобрите дипломатии на Балканскиот полуостров, со извонредно образувани дипломати и со висок професионализам и esprit de corps (чувство на единство и заеднички интереси и одговорности, на луѓе и групи што се тесно поврзани со задача, кауза, потфат…во нивните редови, н.з.). Целите на грчката надворешна политика, како и во секоја демократија, ги дефинира грчката политика, поточно Владата, но тие може целосно да се потпрат на грчката дипломатија во разработката, практичната примена и конкретните политики кои што ќе произлезат по дефинирањето на грчкиот надворешнополитички вектор по секое прашање. Да, ова е критика за македонската дипломатија затоа што постои една вградена инертност, замаскирана со инсистирање на некаков дипломатски формализам, која што е наследена од поранешната југословенска дипломатија, па треба конечно похрабро да се исчекори затоа што постои интелектуален капацитет помеѓу македонските дипломати за далеку повеќе креативност, инвентивност и офанзивност. Јас лично можам да кажам дека при мојата комуникација со грчките политичари и со грчките дипломати секогаш прво сме констатирале каде се наоѓаме, односно каде сме стратегиски душмани (прашањето за името), а каде сме блиски сојузници (изненадувачки по огромен број прашања). Исто така, тие добро ја следат македонската политика и македонската дипломатија, па знаат со кого си имаат работа кога се среќаваат со секого од нас. Но, како вични дипломати градат мостови за комуникација кои се клучна алатка на дипломатијата. Можам слободно да кажам дека од нив многу се учи и дел од нив дури ќе ги наречам и како ментори, и покрај или можеби поради стратегискиот „душманлук“. Грчката дипломатија е едно од орудијата кои што овозможуваат оваа земја со инаку скромни економски, воени и други потенцијали, да има далеку поголемо влијание во глобалната политика отколку што тоа ѝ припаѓа по параметрите по кои што се мери тврдата моќ на државите (во делот на меката моќ ја имаат грчката култура која што, исто така, максимално ја користат во своја полза). Притоа, грчката дипломатија јасно ги владее сите мултилатерални, плурилатерални и регионални сојузи, интеграции и иницијативи каде што нивната земја членува. Посебно внимание, грчката дипломатија посветува на Брисел и на Советот на Европската Унија каде што се дефинира надворешната политика на ЕУ. Не сум сретнал грчки дипломат во телата на ЕУ, од КОВЕБ до КОРЕПЕР кој што не бил извонреден и за гордост на својата држава. Штета што оваа нивна енергија не беше насочена во интеграцијата на Македонија во ЕУ затоа што тоа ќе беше во взаемна корист, но во историјата нема можност за враќање на часовникот наназад. Имајќи го тоа предвид, мора да се напомене дека политиката на која било земја – членка кон кое било прашање, станува и политика на Европската Унија, доколку оваа тема не е предмет на интерес на останатите земји – членки. Грција е одлично интегрирана во структурите на Унијата и, се разбира, дека ниту една земја – членка, независно од сочувството со Македонија, нема да се дрзне „да оди на нож“ и да се ѝ се спротивстави на Грција по „македонското прашање“ затоа што едноставно не е полезно да се создава лош дух на соработка помеѓу земјите – членки. Така што, кога станува збор за Европската Унија и за алатките на грчката дипломатија при дефинирањето на политиката кон проширувањето, не треба да имаме никакви илузии – политиката на Грција кон Македонија е автоматски и политика на Европската Унија кон Македонија токму заради принципот на едногласност. Тоа е посебно случај во однос на земјите од Западниот Балкан. И покрај реториката, станува јасно дека Брисел сè уште нема донесено конечна одлука за заокружување на процесот на интеграцијата на земјите од регионот, па тоа ѝ дава огромна слобода на грчката дипломатија. Доколку се донесе јасна одлука дека земјите од Западниот Балкан влегуваат во Унијата, тогаш нештата ќе се придвижат и тука има простор за разговори каде што повторно предноста ќе биде кај земјата – членка, во случајот Грција, но во едно сосема поинакво поле на игра. За жал, тоа сè уште не е случај.

На кој начин Грција може да го замрзне отворањето на поглавјата во преговорите на Македонија со ЕУ?

-Порано постоеја 70 точки каде што една земја можеше да стави вето во процесот, а сега со новата стратегија сето тоа стана уште посложено, па се умножија и шансите за вето, односно моментите кога мора да се постигне едногласност. Покрај тоа, се воведе и можноста да се поништи прогресот на една земја, па сиот процес да се врати од почеток. Веројатно Македонија мора да ги помине сите апсурди врзани со проширувањето, па ја имаме и оваа бизарна состојба кога „преговорите се отворени, но не се отпочнати“. Сето ова го кажувам за да се отслика моќта на земјите – членки во процесот, посебно во вакво опкружување и во актуелниот момент кога балканската европска интеграција е де факто во некоја небиднина.

На кој начин  Грција може да го блокира користењето на ЕУ фондовите за Македонија? 

– Секако дека Грција може да ги блокира фондовите, но зошто Грците би го сториле тоа кога е спротивно на нивните национални интереси. Еве да откријам еден детаљ кој што помина под радарот на јавноста, но по катастрофата со грчкото вето во Букурешт од април 2008 година, веќе во септември грчкото Министерство за надворешни работи (МНР) потврди дека останува грчкиот грант како дел од финансискиот пакет за завршување на делницата Демир Капија – Смоквица од автопатот E-75, како и да се вика денес. Македонија, како и целиот Западен Балкан е дел од просторот каде што Грција го проектира своето економско и друго влијание, грчките компании го познаваат регионот, работат во регионот и се вградени во европските проекти ширум Западниот Балкан. Кое би било тогаш рационалното оправдување на Грција за блокирање на ЕУ фондовите за Македонија и покрај тоа што таа опција ја имаат на масата како можност? Во однос на ова прашање можеби треба да се отвори и подлабок стратегиски дијалог помеѓу Македонија и Грција, па не би било лошо потпретседателот на владата, Александар Николоски, кој што води едно од најзначајните министерства од оваа сфера, да покрене иницијатива за македонско-грчка соработка или македонско-грчко-српска соработка или пан-балканска соработка во довршувањето на транспортните и комуникациските трансверзали во регионот, што е од интерес и на Македонија и на Грција.

Дали и колку „заканата“ на грчкиот премиер Мицотакис дека ќе употреби дипломатско оружје против Македонија поради непочитување на Преспанскиот договор е реално и остварливо?

– Значи не треба да имаме сомнежи дека зборот на грчкиот премиер не се дава туку така и не е шумолење на ветерот, па не смее да го толкуваме никако поинаку освен како јасна насока за грчката дипломатија. Сепак, по влезот на Македонија во НАТО се чини дека двете земји уште не се свестиле за реалноста дека се наоѓаат во еден од најдлабоките сојузи на планетава каде што се споделуваат информации за најчувствителните области на националната безбедност. Овој нов квалитет треба да се искористи, а некако се губи во шумот, како во бучавата заради внатрешните дебати во Грција и во Македонија (Преспанскиот договор немаше демократски легитимитет ни таму, а посебно кај нас), така и во еуфоричните изблици на протагонистите од Нивици. Мојот став за промената на името е кристално јасен, но додека постои Преспанскиот договор треба да се користи како своевидна авенија за соработка по сите прашања кои што не предизвикуваат емотивни бури во двете земји. Оттука пречи ова непотребно заострување на односите, па не е лошо прво да дојдеме до детанта и нормализација, па да видиме како понатаму. Заканите не водат никаде и сите губат доколку заканите се претворат во конкретни дипломатски потези.

Дали и какви последици може да има Македонија по овие „закани“?

– Грција не ѝ потребна на Македонија како непријател, дури ни како „скриен душман“ или „лажен пријател“. Но, и на Македонија не ѝ и потребна Грција како вечен тег околу ногата во нејзината надворешна политика. Да се разбереме, нашите балкански прашања, погледнати од бриселска или вашингтонска перспектива се многу здодевни, бесмислени, па дури и раздразливи. Во минатото, штом ќе се јавеше грчкиот дипломат да протестира околу прашањето за името или македонскиот дипломат нешто да бара по истата тема, веднаш сите превртуваа со очи, гледаа во плафонот, или нервозно цупкаа под масата додека да заврши овој балкански дипломатски фолклор, па да започне состанокот за темата на денот. Грчката надворешна политика има свои пресериозни предизвици. Тие вложија огромен политички и дипломатски капитал во прашањето за името, но и губеа многу затоа што беше очигледно дека малтретираат и тормозат една помала држава. Секако дека не им е потребно повторно да минуваат низ овие непријатности. Но, и нам сега најмалку ни треба растревожена Грција.

Што и на кој начин може да направи Македонија да ги заштити своите државни интереси, а сепак да ги одбие или неутрализира овие „закани“ со дипломатско оружје?

– И Македонија и Грција се демократски држави што значи дека граѓаните имаат удел во кроењето на државните политики. Јавното мислење и во Македонија и во Грција се противи на решенијата на Преспанскиот договор. Бугарското вето беше своевиден глогов колец во самото срце на Спогодбата од Нивици затоа што прогласениот „дипломатски триумф“ се претвори во уште пострашен кошмар за Македонија. Не треба никој да има било какви излузии дека Преспанскиот договор не ги осоколи балканските национализми и не ги разбуди најмрачните сили во регионот кои што уште ја спорат македонската нација, македонскиот јазик, па дури и македонската државност. Токму заради демократскиот мандат на македонските политичари јасно е дека тие не може да ја употребуваат „Северна …“ во секојдневната комуникација и во земјата и во странство. Граѓаните тоа ги иритира и еден политичар најбрзо може да си ја заврши кариерата доколку инсистира на употребата на придавката при слободната комуникација. Низ културата, во случајов јазикот, македонскиот народ дава отпор против неправедното решение, донесено наспроти демократската волја и со газење на референдумскиот бојкот. Тука се границите и Грција тоа треба да го разбере (секако дека тие ја следат македонската јавна дебата и дека им е јасно што се случува). Од друга страна Македонија покажа дека ќе го почитува словото на Преспанскиот договор и дека ќе ја користи придавката и во меѓународната официјална комуникација, но и во внатрешната службена преписка (и покрај тоа што премногу боде очи и иритира тоа „Северна …“ во документите). Тука некаде треба да се сретнеме со Грците дека постојат места каде што „се согласуваме дека не се согласуваме“, но дека животот треба да продолжи и дека имаме корист од нашата меѓудржавна соработка.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ