сабота, 19 октомври 2024

БМЗ груп започна да гради фабрика, Мицкоски саркастично му се заблагодари на Битиќи

Во Технолошко – индустриската развојна зона – Скопје, денеска беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската БМЗ груп која се занимава со изградба на литум јонски батерии. Инвестицијата изнесува 65 милиони евра, се очекува фабриката да биде готова до мај следната година, а извозот во првите три години да достигне најмалку 60 милиони евра. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека му е благодарен на поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи за процесот на преговори со компанијата „што го водел до каде што го водел“.

Објавено на

часот

Сподели

Комерцијалното производство е почнато со браундфилд инвестиција, но недостасувал повеќе простор што ќе се обезбеди во модерна фабрика  во која вкупниот број вработени се  најавува да достигне илјада.

Јелица Ивановска, генерален директор на БМЗ Македонија, информираше дека сега најмногу извезуваат во Германија и во Полска, но и во сите европски земји.

„Ние веќе произведуваме. Сега во моментот работиме во „браунфил“ лоциран во поранешните простории на фабриката „Раде Кончар“, односно во постоечки објект што е прилагоден на потребите на бизнисот. Во моментот имаме 110 вработени во сите сектори и работиме со пет функционални валидирани линии. Започнато ни е комерцијалното производство, со тоа што ни треба многу повеќе простор. Таму каде сме сега не е доволен просторот. Ова ќе биде нова и модерна фабрика и планирано е да имаме во првата фаза што сега ја градиме, 40 линии, а вкупниот број на вработени треба да стаса меѓу 770 и 1 000 вработени“, нагласи Ивановска.

Како што додаде таа, во план е фабриката да се пушти во погон во мај, а се очекува да извезуваат и надвор од европскиот пазар.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи да поддржува ваков тип проекти.

„Од разговорот можам да кажам дека во првите години ќе имаме извоз од 35 до 40 милиони евра, максимум 60 милиони во првите три години извоз. Понатаму, тој може да достигне и до 130, па и повеќе милиони евра. Нешто што позитивно ќе влијае за нашата македонска економија“, рече премиерот и посака уште вакви инвестиции.

Мицкоски рече дека му се заблагодарува на поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи, за ангажманот за оваа инвестиција, но и изнесе критика.

„Вчера поранешниот потпретседател на Владата и одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи кажа дека тој е тој којшто ја донел инвестицијата. Па еве, јас од мое име да му се заблагодарам затоа што процесот го водел до каде што го водел, жалам што не успеал да го заврши до крај. Претпоставувам не успеал да ги убеди граѓаните како што еве, ги убедувал неговите сопартијци на осми мај и доживеа дебакл каков што доживеа, па сега оваа Влада мораше заедно со инвеститорот го заврши овој процес. Очекувам уште многу вакви инвестиции во периодот којшто следи“, рече Мицкоски.

Тој соопшти дека во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори.

„Но и една нова, што ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна европска држава, членка на Европската Унија. Се надевам и сигурен сум дека и таа ќе се заврши до крајот на годината, со што мислам дека сериозно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијал за ваков тип на инвестиции кај нас. Мислам дека на тој начин ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на бруто домашниот производ, нешто што ни е многу важно“, изјави премиерот Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ