сабота, 27 јули 2024

Блумберг: Расте тензијата меѓу Америка и Украина, Зеленски под сериозен притисок

Америка сака Украина јасно да го дефинира својот план за борба против руската инвазија додека војната влегува во третата година, а Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, се очекува да го покрене прашањето со Украина следната недела на маргините на Светскиот економски Форум во Давос со претседателот Володимир Зеленски, пренесува Блумберг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американските власти ќе продолжат да инсистираат на оваа тема во наредните недели, потврдиле за Блумберг извори запознаени со темата, кои сакале да останат анонимни.

Според Блумберг, ова е најнов знак на тензија меѓу Украина и нејзиниот најважен сојузник. Повеќе од 110 милијарди долари европска и американска помош за Киев сè уште се блокирани, а украинската контраофанзива минатата година, силно помогната со американско и европско оружје и обука, не донесе значителен територијален напредок.

Официјалните лица во Вашингтон се загрижени дека несогласувањата меѓу Зеленски и неговиот водечки генерал Валериј Залужни ги кочат напорите за кристализирање нова стратегија, рекле извори од Вашингтон за Блумберг. Портпаролите на Советот за национална безбедност на Белата куќа одбиле да ги коментираат информациите.

Зеленски вчера рече дека двоумењето на сојузниците „само ја зголемува храброста и силата на Русија“. Говорејќи во Литванија, тој предупреди дека воздушната одбрана на Украина потклекнува бидејќи Русија ги засили ракетните напади во последните недели.

Сојузниците и понатаму се надеваат дека помошта за Украина би можела да биде исплатена до следниот месец, велат изворите на Блумберг, иако сѐ уште нема знаци за договор во Вашингтон.

Украинската војска во моментов развива планови за оваа година и разгледува низа опции, рекол еден од изворите. САД сакаат да одредат како најдобро да ја усогласат својата поддршка за да ѝ помогнат на Украина да се одбрани во наредната година, додаваат тие.

Бидејќи некаков одлучувачки пробив е неверојатен во наредните месеци, сојузниците на Киев велат дека е клучно да се смисли јасна воена стратегија за одбрана на сегашните позиции и пробивање на руските линии.

Тензиите меѓу Зеленски и неговиот врховен командант се појавија во ноември, кога Залужни јавно рече дека војната е во ќор-сокак, што го изиритира претседателот, кој постојано ветува дека ќе ги протера руските сили од украинската територија. Залужни тоа подоцна не сакаше да го коментира, но тензиите сѐ уште се присутни и покрај официјалните тврдења дека украинското раководство е обединето.

Двајцата се судрија околу потребата да се намали старосната граница за регрутирање за обнова на украинската армија, која претрпе големи загуби. Во декември Залужни го критикуваше бавното темпо на регрутирање откако Зеленски го одложи потпишувањето на законот со кој би се намалила возраста за регрутирање.

Фото: ЕПА

Во меѓувреме, владата испрати нов предлог-закон до парламентот, а Зеленски рече дека украинските воени лидери побарале мобилизација на дури 500.000 луѓе.

Последниве недели Русија ги изврши најголемите ракетни напади од почетокот на инвазијата. Рускиот претседател Владимир Путин би можел да биде уште поохрабрен откако ќе биде реизбран за претседател во март, рекол за Блумберг еден функционер на Г7.

Целата украинска армија, а особено противвоздушната одбрана, која е под огромен притисок од руските напади овие недели, зависи од постојаната помош на западните сојузници.

САД и нивните сојузници од Г7, исто така, работат со Украина на финализирање на долгорочните билатерални безбедносни обврски, кои се надеваат дека ќе ги склучат во текот на следниот месец, рекле изворите на Блумберг.

Барањето на Бајденовата администрација за помош од 61 милијарда долари за Украина оваа година со месеци беше блокирано од страна на републиканската опозиција во Конгресот. Републиканците, меѓу другото, повикаа Украина да им даде на САД јасни планови за продолжување на борбата.

„Мора да знаеме каков е нивниот план и сигурен сум дека тоа администрацијата на Бајден и го бара“, рече вчера републиканската сенаторка од Ајова Јони Ернст, додавајќи: „Се чини дека и ним им е тешко да дефинираат како би требало да изгледа победата.“

САД и Украина претходно се разминуваа во воената стратегија. Американските власти, според Блумберг, сугерирале дека Украина требало минатогодишната контраофанзива да ја фокусира на пробивање на руските одбранбени линии во јужна Украина наместо да ги шири своите ресурси на поголем фронт.

Киев, како и некои сојузници, верува дека пристапот на Украина, кој се засноваше на исцрпување на руските сили и залихи, бил исправен, со оглед на тоа што тие немаа борбени авиони, и дека Украина ќе претрпела уште поголеми загуби доколку немилосрдно напаѓала без воздушна поддршка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ