сабота, 21 декември 2024

Близу 700 илјади книги од проектите на Груевски скапуваат во подруми, утврди ДЗР

Поголем дел од книгите од „Капиталниот проект за печатење и превод на книги“, проект што беше смислен и започнат во 2009 година кога премиер беше Никола Груевски скапуваат во подрумите на Министерството за култура и уште неколку други национални установи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во денеска објавениот Извештај за ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за култура за 2023 година.

Објавено на

часот

Сподели

Во денеска објавениот извештај се наведува дека со извршената ревизија е утврдено дека книгите потекнуваат од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година, во вкупен износ од над 6,5 милиони евра и вклучува 686.318 примероци.

„Поради непостоење на план за дистрибуција на отпечатените и не дистрибуираните книги, се создава значителен проблем со сместувањето на оваа голема количина, дополнително усложнет од недостигот на интерес од државните институции за преземање на книгите поради исполнетост на нивните капацитети. Исто така, не е извршен попис за утврдување на фактичката состојба, како во однос на бројот на книги, така и за условите во кои тие се чуваат, што може да доведе до оштетување на истите“, сенаведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите уште наведуваат дека не е извршен попис за утврдување на фактичката состојба, како во однос на бројот на книги, така и за условите во кои тие се чуваат, што може да доведе до оштетување на истите.

„Во насока на решавање на овој проблем, Владата во повеќе наврати донела одлуки за трајно отстапување на дел од овие количини кај повеќе библиотеки и образовни институции и во изминатиот период веќе им била извршена дистрибуција на дел од отпечатените книги, но не постои интерес ниту простор за прием на дополнителни количества. Иако овие проекти се завршени во 2019 година и нови примероци не се печатат, до датумот на ревизија, Министерството за култура нема изработено план за дистрибуција на веќе отпечатените и недистрибуирани примероци, односно за нивната достапност до јавноста. Горенаведеното укажува дека со реализација на капиталните проекти за печатење на книги, постапено е спротивно на буџетските начела на економично и наменско користење на средствата од причина што книгите сѐ уште се наоѓаат во магацините на националните установи и истите не се дистрибуирани до крајните корисници или до пошироката јавност за да ја постигнат целта за која се печатени. Оваа состојба беше констатирна и со ревизорскиот извештај за 2019 година, но состојбите не се сменети“, велат од Државниот завод за ревизија.

Од ДЗР препорачуваат одговорните во Министерството за култура во соработка со националните установи каде се чуваат книгите да извршат попис со обезбеден податок за проект, наслов, количина и локација на чување на истата, да се обезбеди соодветен простор за чување на книгите со цел да се заштитат од евентуални оштетувања, а министерството во соработка со Владата да ја преиспита состојбата со книжниот фонд во министерството и останатите институции и да изготви план за распределба на книгите до крајните корисници и пошироката јавност со насоки за соодветна евиденција и начин на користење.

Проектот за превод и печатење на овие книги започна во февруари 2009 година и меѓу проектите беа „Ѕвезди на светската книжевност“, „Врвови на светска филозофија, историја, психологија и психоанализа“, „Светско книжевно богатство„, „Антологија на светска поезија “, “135 тома македонска книжевност” и други.

Во последните седум години ова е втора ревизија за работата на Министерството за култура извршена од Државниот завод за ревизија.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ