„Тоа е нешто на што работиме многу решително и многу експедитивно. И ќе дозволам тој процес да се истера до крај“, кажа Блинкен на конференција за новинарите во Брисел.
„Според мене, нема сомнеж дека Русија незаконски го притворила, што е токму она што му го кажав на министерот за надворешни работи (на Русија Сергеј) Лавров кога разговарав со него за време на викендот и инсистирав Еван веднаш да биде пуштен“, кажа Блинкен.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти на 30 март дека го уапсила Гершкович, американски државјанин, и го обвини за собирање информации за руска одбранбена компанија кои биле државна тајна.
Волстрит џурнал негираше дека Гершкович шпионирал. Белата куќа обвинението за шпионажа, за што е предвидена затворска казна до 20 години, ја нарече смешна.
Американскиот претседател Џо Бајден побара ослободување на Гершкович, а Блинкен во неделата во телефонски разговор со рускиот колега Лавров изразил загриженост на Вашингтон поради „неприфатливото притворање“ на новинарот.
Ознаката „незаконски притворен“ значи дека би се кренал политичкиот профил на проблемот дозволувајќи ѝ на владата да додели повеќе средства за ослободување на Гершкович.