„Северна Кореја веќе има корист од руската воена опрема и обука. Денес имаме причина да веруваме дека Москва има намера да сподели напредни вселенски и сателитски технологии со Пјонгјанг“, изјави Блинкен во својата проштална посета на Јужна Кореја.
Блинкен рече дека позицијата на украинската армија во руската област Курск, каде што од минатото лето води офанзива, ќе биде „важна“ во контекст на можни мировни преговори меѓу Киев и Москва.
„Нивната (украинската) позиција во Курск е важна затоа што секако е фактор во какви било преговори што би можеле да се одржат оваа година“, рече Блинкен на прес-конференција во Сеул, првата станица од прошталната турнеја која ќе го однесе и во Јапонија и Франција.
Блинкен изрази уверување дека прекин на огнот во Појасот Газа може да се постигне пред 20 јануари или неколку дена подоцна, кога републиканецот Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата американски претседател од Џозеф Бајден.
„Доколку не ја постигнеме целта во следните две недели, уверен сум дека тоа може да биде завршено во одреден момент, а кога ќе биде тоа, ќе се заснова на планот што го предложи претседателот Бајден“, изјави американскиот државен секретар.
Блинкен го осуди лансирањето на ракетата на Северна Кореја во Јапонското Море, што се случи утринава при неговата посета на Сеул.