петок, 26 јули 2024

Блинкен ја повика Турција веднаш да го верификува приемот на Шведска во НАТО

Објавено на

часот

Сподели

Блинкен исто така ја отфрли можноста дека турското одобрување на приемот на Шведска во НАТО е поврзано со продажбата на американските борбени авиони Ф-16 на Турција, иако американскиот претседател Бајден во понеделникот навести дека постои поврзаност.

На заедничката прес-конференција со шведскиот премиер во Лулеа, северна Шведска, Блинкен рече дека Вашингтон ќе продолжи да работи на финализирање на приемот на Шведска во алијансата до почетокот на самитот на НАТО во средината на јули, кога ќе се сретнат лидерите на земјите од алијансата.

„Веруваме дека сега е време и нема причина зошто тоа да не се случи. Турција изрази важни и легитимни грижи, Шведска и Финска се осврнаа на тие грижи. Се радуваме дека овој процес ќе биде завршен во наредните недели. Не се сомневаме дека до тоа може да дојде, дека тоа треба да се случи и очекуваме да се случи“, изјави Блинкен.

Коментарите на Блинкен уследија неколку часа откако Турција ја повика Шведска да ги гони одговорните за закачувањето на знамето на забранетата Курдистанската работничка партија на зградата на парламентот во Стокхолм на денот на изборите, кога претседателот Таип Ердоган освои уште еден мандат.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатата година, напуштајќи ја долгогодишната политика на воено неврзување по руската инвазија на Украина. Барањето за членство мора да биде одобрено од сите земји на НАТО, а Турција и Унгарија допрва треба да го одобрат шведското барање.

Турција го ратификуваше членството на Финска во НАТО на крајот на март, но и понатаму се противи на приемот на Шведска, тврдејќи дека Шведска пружа засолниште на милитантните групи кои Турција ги смета за терористички. Унгарија, исто така, сè уште не го одобрила шведското членство.

„Ние сме во постојан контакт со нашите турски колеги за ова конкретно прашање“, рече шведскиот премиер Улф Кристерсон. „Имаме меморандум и го исполнуваме и последниот дел од него ќе стапи на сила на 1 јуни, задутре, со новиот закон за борба против тероризмот. Тоа е важен чекор и го направивме тоа што на нашите турски пријатели им кажавме дека ќе го направиме“, рече Кристерсон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ