петок, 18 октомври 2024

Блинкен и Борел на Блискиот Исток, се обидуваат да го спречат ширењето на конфликтот во Газа

Американскиот шеф на дипломатијата Антони Блинкен и шефот на дипломатијата на Европската унија Жозеп Борел денеска ќе бидат на Блискиот Исток за да се обидат да спречат ширење на конфликтот во Газа на Западниот Брег, Либан и поморскиот сообраќај во Црвеното Море.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Блинкен и Борел пристигнуваат на Блискиот Исток речиси три месеци откако милитантите од палестинската исламистичка организација Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел, што доведе до израелска офанзива во која загинаа повеќе од 22.000 Палестинци и разорен е поголемиот дел од крајбрежната енклава на Појасот Газа.

Израел, кој тврди дека убил 8.000 милитанти од нападот на Хамас на 7 октомври, кога загинаа 1.200 лица, вчера најави понасочен пристап во Газа, додека Блинкен ја започна еднонеделната посета на регионот.

Палестинците рекоа дека немало намалување во израелските воздушни напади и гранатирања и дека нападите со авиони и тенкови се интензивирале во текот на ноќта во густо населените области Нусеират, Буреиџ и Магази во центарот на Газа.

Блинкен треба да го посети Западниот Брег за време на својата турнеја, која започнува денеска со посета на Турција, една од земјите што се понудија да посредуваат. Тој ќе ги посети и Израел, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Египет и Грција.

„Никому не му е во интерес, ниту на Израел, ниту на регионот, ниту на светот, овој конфликт да се прошири надвор од границите на Газа“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, додавајќи дека Блинкен ќе разговара за чекорите за да се избегне ескалација, за што тој не даде повеќе детали.

„Не очекуваме секој разговор на ова патување да биде лесен“, им рече Милер на новинарите во четвртокот.

Борел, шефот за надворешна политика на Европската унија, во петок е во Либан за да разговара за ситуацијата на израелско-либанската граница и важноста да се избегне ескалација на конфликтот со засилување на дипломатските напори, соопшти ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ