За Блатер, Платини би бил добар претседател на ФИФА. Актуелниот претседател на светската организација речиси сигурно ќе се повлече во 2015 година, кога и му истекува мандатот. Според него, Европа ќе се бори за да има контрола над ФИФА, а како природен кандидат се наметнал Платини.
„Платини е подготвен, само ако сака. Тој ми вели, не знам уште, но длабоко во него знам дека сака“, вели 75-годишниот Блатер.
„Секако дека Платини би бил добар претседател. Тој нема да биде како мене, бидејќи секој е различен, но ќе биде добар претседател. Некогаш мора да кажеш доста е. Јас се трудам да ја достигнам 2015 година и да му ставам крај на моето претседателствување. Но сакам да инсталирам нова структура“, додал Блатер.
Моментно ФИФА ја тресат корупцискиот скандал, купувањето гласови во Извршниот комитет, како и обвинувањата за фингирана ревизија по банкротот на стратегискиот партнер ИСММ пред една деценија. Сепак, ФИФА како федерација има резерва од една милијарда долари, што е најголем успех во мандатот на Блатер.