Стопанската комора и Советот на странски инвеститори денеска преку соопштение уште еднаш укажува дека „Законот за данок на солидарност се носи без соодветна консултација со бизнисот“.
„Уште еднаш укажуваме дека законот за данок на солидарност се носи без соодветна консултација со бизнисот и покрај изјавите на министерот за финансии дека предложеното решение е дискутирано на повеќе јавни расправи во кои била вклучена и бизнис заедницата. Потврда за тоа дека и при јавни расправи забелешките на бизнисот не се земени предвид е и првиот допис кој беше доставен од Комората до министерот за финансии на 26 декември 2022 година, со конкретни укажувања на тогаш именуваниот Предлог-закон за дополнителен данок на добивка (подоцна преименуван во законот за данок на солидарност), во кој посочивме дека е суштински важно да се дефинира поимот екстра профит за да не се случи да се даночат компании кои оствариле позитивни резултати на база на нивно добро работење, зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување нови пазари и слично“, наведува комората.
Стопанската комора потсетува дека на 26 јуни годинава поднела иницијатива за стопирање на постапката за донесување на законот за данок на солидарност.
„Откако во повеќе наврати, во изминатите шест месеци, не успеавме да ги убедиме Владата и министерот за финансии за безпредметноста од носење ваков закон, на 26 јуни Комората преку Клубот 100 и нејзините органи, а поддржани и од Советот на странски инвеститори, поднесе иницијатива за стопирање на постапката за донесување на предлогот на Законот за данок на солидарност. На 4 јули Стопанската комора преку јавноста информираше дека повторно бара да се повлече и да се стопира постапката за носење на Законот за данок на солидарност, со укажување дека носењето на вакво законско решение создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека правната сигурност е еден од врвните приоритети за кои се залагаме како застапувачи на интересите на бизнис заедницата во земјата. Воедно, на 9 јули, Советот на странски инвеститори јавно упати порака за предвидливост и долгорочност наместо импровизации со носење на предложениот законот за данок на солидарност“, информира комората.
Откако на сите овие укажувања не добивме писмена реакција, велат од комората, на 19 јули годинава упативме повторно допис до претседателот на Собранието, до претседателот на Владата и до министерот за финансии во кои на еден сеопфатен начин се образложени аргументите за барањето на бизнис заедницата за запирање на постапката за донесување на предложениот закон за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце.
„Согласно сето погоре кажано, јасно е дека Комората будно го следела целиот процес за ова законско решение, во повеќе наврати реагирала и до надлежните институции и преку информирање на јавноста. Затоа, Стопанската комора останува на ставот дека докрај ќе настојува, преку правните механизни кои и стојат на располагање да се спречи ставањето во функција на овој закон, кој претставува репутациски ризик за државата и ја продолжува правната несигурност која постои повеќе децении“, се наведува во соопштението од комората.
Околу 200 компании би требало да бидат опфатени со данокот на солидарност, соопшти директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска, а проценките се врз основа на евиденциските анализи што ги има направено УЈП согласно даночните биланси што ги имаат доставено компаниите во Управата.
„Зборуваме за споредбени податоци, 2022, 2021 итн. Очекувањата се дека околу 76-77 милиони евра би се влеале во Буџетот преку овој еднократен данок на солидарност“, рече директорката на УЈП, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата посветена на постигнатиот договор за зголемување на платите на вработените во Управата.
Во однос на дејностите на компаниите кои ќе бидат опфатени со солидарниот данок и дали се тие поврзани само со енергетиката и оние кои оствариле големи приходи во време на енергетската криза, таа одговори дека се работи за подолг период.
„Независно, тука имаме споредбен период кој е малку подолг од енергетската криза во рамки на податоците“, рече Лукаревска.
Собраниската Комисија за европски прашања вчера ја почна дебатата по амандманите за Предлог-законот за данок на солидарност, што со предложените измени на законите за ДДВ и за данок на добивка, се доставени од Владата со европско знаменце по скратена постапка.
Предлог-законот за данокот на солидарност, предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.