сабота, 27 јули 2024

Бившиот доушник на ФБИ, извор на тврдењата за корупцискиот скандал на Бајденови, останува во притвор

Поранешниот информатор на ФБИ Александар Смирнов, обвинет дека исфабрикувал мултимилионска корупциска шема во која наводно е вклучено семејството на американскиот претседател Џозеф Бајден, мора да остане во притвор додека го чека судењето, одлучи американскиот федерален судија, со што ја поништи претходната одлука за ослободување на човекот да се брани од слобода.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Судијата Отис Рајт Втори, со седиште во Лос Анџелес, нареди притвор на Смирнов откако обвинителите изразија загриженост дека тој може да побегне од земјата.

Смирнов тврдеше дека има врски со руската разузнавачка служба, а судијата Рајт оцени дека ниту еден услов што ќе биде поставен за негово ослободување не може да гарантира дека тој нема да ја напушти територијата на САД.

Обвинетиот се изјасни за невин по обвинението, во кое е обвинет дека како доушник ја лажел својата „врска“ во ФБИ дека претставници на украинската енергетска компанија Буризма им платиле на американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот син Хантер Бајден некаде во 2015 година.

Тврдењето на Смирнов стана фокус на истрагата на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом на САД против претседателот Бајден и причина за покренување постапка за импичмент против него во Конгресот.

По апсењето на 14 февруари, обвинетиот од друг судија беше ослободен од притвор, со ножна алка, но по жалба на обвинителството Рајт ја поништи таа одлука.

Рајт рече дека активностите на адвокатите на Смирнов да го ослободат „веројатно ќе го олеснат неговото итно бегство од Соединетите Држави“.

За да го убедат судијата дека е подобро тој да остане зад решетки, обвинителите открија дека Смирнов му кажал на ФБИ дека имал широки контакти со официјални лица поврзани со руската разузнавачка служба и дека приказната за Хантер Бајден стигнала до него преку тие функционери.

Според обвинителите, Смирнов планирал по 14 февруари, кога бил уапсен, да отпатува во неколку земји од другата страна на Атлантикот каде што има странски разузнавачки контакти, а дека во септември минатата година пред своите контакти од ФБИ почнал да „турка“ нова исфабрикувана приказна за Хантер Бајден и дека тој „активно шири нови лаги што би можеле да имаат влијание врз изборите во САД“ во 2024 година.

Смирнов, кој има и израелско и американско државјанство, беше обвинет од истиот специјален обвинител на Министерството за правда на САД што во друг случај покрена обвинение против Хантер Бајден за даночни прекршоци и поседување оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ