сабота, 21 декември 2024

Битолската болница исплаќала пари по разни основи без согласност од Министерството за здравство, констатирал ДЗР

Ревизори на Државниот завод за ревизија (ДЗР), по извршената ревизија во Клиничката болница-Битола, информираат дека утврдиле неправилности во евиденцијата на работното време, пресметката и исплатата на плати и надоместоци на плати, кои во текот на 2022 година се исплатени во износ од приближно 581 милиони денари. Ревизорите уште констатирале дека во просториите на болницата во посебен објект, бункер, сместен е линеарен акцелератор кој не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција.

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот се нагласува дека акцелераторот е наменет за третман на онколошки заболувања, за чија набавка и инсталација од страна на Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2017 година доделени се договори за јавна набавка во износ од 172 милиони денари, а до денот на ревизијата не се користи.

Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба.

Во извештајот на ДЗР се наведува дека задолжителните здравствени услуги се недостапни за граѓаните, а од извршениот увид во податоците генерирани во „Мој Термин“, ревизорите утврдиле дека на ниво на болницата во текот на 2022 година во просек се креирани и достапни за пациентите само 39 проценти од законски задолжителните термини за здравствени услуги.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Клиничката Болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола за 2022 година. Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. Со увидот во евиденцијата на работното време, пресметката и исплатата на плати и надоместоци на плати, кои во текот на 2022 година се исплатени во износ од приближно 581 милиони денари ревизорите констатирале низа неправилности.

„Околу 36 милиони денари се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство за нивно воведување, а утврдена е и појава на исплата на дежурства на немедицински кадар во износ од 919 илјади денари, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита. Неправилности се утврдени и при исплата на приближно 7 милиони денари за прекувремена работа на 303 вработени. Имено, за прекувремената работа не е известен инспектор на трудот и не се воспоставени контроли на бројот на реализирани часови, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари“, констатирале ревизорите.

Од ДЗР соопштија дека дел од вработените во болницата, согласно склучени спогодби вршат здравствени услуги во други болници поради недостаток на медицински кадар, за што болницата издава фактури, а на вработените им се исплаќа надоместок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ