понеделник, 4 март 2024
Соња Стојадиновиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Битка за критични и ретки минерали: зависност, политика и бизнис интереси

Амбициозниот план на европската економија за целосна транзиција кон таканаречената зелена енергија, го диктира ритамот и побарувачката за природни суровини, но и ја нагласува зависноста на ЕУ од Кина.

На почетокот на декември, Европскиот парламент го одобри планот за имплементација на легислативата за критични и ретки минерални суровини. За тие кои не се засегнати директно од рударството и металургијата, оваа легислатива нема некое големо значење, но ако се погледне од повеќе аспекти, секојдневието на луѓето многу зависи од суровините кои се спомнати во овој закон.

Critical Raw Material Act (CRMA) или Легислатива за критични минерални суровини е составен дел од големата Зелена агенда на ЕУ за декарбонизација на индустријата и максимално намалување на употребата на фосилни горива. Самиот процес на декарбонизација бара зголемена употреба на батерии, соларни панели, перманентни магнети, додека изработката на овие производи создава уште поголема потреба за ретки суровини, нивна екстракција од земјатa и преработка.

Амбициозниот план на европската економија за целосна транзиција кон таканаречената зелена енергија, го диктира ритамот и побарувачката за природни суровини, но и ја нагласува зависноста на ЕУ од Кина. На списокот на земји кои имаат наоѓалишта на критични минерални суровини, Кина е водечка и го снабдува светскиот пазар со учество од 60%, додека зависноста на ЕУ од увоз на суровини од Кина достигнува речиси 90%.

Кои се суровините од кои ЕУ зависи и каде се користат?

Освен во процесот на декарбонизација, металите од ретките суровини се користат во сите индустрии, за изработка на мобилни телефони, комуникациските технологии, автомобилската индустрија (електрични возила), стратешките технологии на воената и вселенската индустрија.

Листата на критични и ретки суровини содржи 34 метали кои се распоредени во групи на стратешки и критични суровини. Списокот на стратешки суровини ги содржи металите: алуминиум, бакар, кобалт, литиум, галиум, манган, германиум, природен графит, антимон, бизмут, титаниум, борон, тунгстен. Ретките суровини содржат метали кои ретко се наоѓаат во земјата како хафниум, нобиум, необидиум, стронциум, берилиум, ванадиум, кокс (јагленов производ за гориво).

Од овој список на суровини, Кина со 100% учество го држи пазарот на обработка на природен графит, 90% на манган, 70% на кобалт, 60% на литиум и 40% на бакар. Од друга страна, Европската Унија е најголем увозник на кокс кој се употребува како гориво во преработка на металите, а 76% од цинкот на светскиот пазар го увезува САД.

Зависноста на светот, поточно на ЕУ и САД од ископувањето и преработката на Кина се базира на фактите дека Кина покрај нејзините 60% на преработка на ретки минерални суровини кои се употребуваат како компоненти во високите технологии, вклучувајќи ги паметните телефони и компјутерите, на светскиот пазар на литиум учествува со 13%, додека преработува 35% од светската побарувачка на никел, 58% на литиум и 70% на кобалт.

Зависноста на ЕУ и САД од агол на бројките е видлива, особено ако се додаде фактот на брзорастечката економија на Кина и нејзиното ширење низ светот преку иницијативата „Појас и Пат“ која исто така вклучува и инвестиции во  црната и обоената металургија и инвстиции во рударскиот сектор. Примери за овие активности на Кина имаме и кај нас и во соседството, во Србија. Кај нас Кина е присутна во Железара Скопје, додека во Србија е присутна во Железарата во Смедерево (HBIS) и рударскиот центар и басен Бор РТБ, во источна Србија каде кинескиот концерн Зиѓин (Zijin) го има доминантниот процент на акции во РТБ Бор, најголемиот рудник за бакар во Европа.

Обид за ограничување на зависноста од Кина

Со легислативата за критични минерални суровини ЕУ има цел да ја ограничи својата зависност од минералните суровини со кои располага Кина. Иако тоа во легислативата не е експлицитно наведено, туку стои: зависност од трети страни, погледот полудискретно е свртен кон Кина.

Целите кои заедницата си ги има поставено до 2030 година за намалување на зависноста се следни: екстракцијата т.е. ископувањето да биде барем на 10% на годишно ниво од рудници во ЕУ, барем 40% од преработката на годишно ниво да биде од фабрики во ЕУ, барем 25% од потребите од металите на годишно ниво да биде од рециклирање. ЕУ планира да се намали зависноста од увоз на 65% на годишно ниво за стратешки суровини без наведување која или кои се тие трети земји од кои ЕУ сака да стане независна.

Една од селекциите кои ЕУ има намера да ги направи за да се дистанцира од Кина е и создавање на таканеречен „Клуб на истомислечки земји“ кои би го зајакнале ланецот на снабдување со минерални суровини. Овој клуб не е ништо ново, но е силен политички знак дека ЕУ сака земји кои послушно ќе ја следат и снабдуваат со метали, а во исто време ќе ја водат иста надворешна политика како ЕУ кон земјите кои не се во истомислечкиот клуб. Сето тоа како и до сега би се реализирало со политички и економски притисоци.

Колку и планот за дистанцирање од Кина да звучи ветувачки, лесно можат да се најдат и предвидат проблеми, кои веќе и се видливи. Еден од проблемите е слабо развиениот систем на рециклирање на метали кои се веќе употребени во одредени производи.

При ова не се мисли на рециклирањето на металите употребени во изработка на телефоните или компјутерите туку на рециклирање на литиумските батерии и деловите за соларните панели. Иако на големо се најавуваат изградби на фабрики за литиумски батерии (првата најблиску треба да биде во Ќуприја, Србија), недоволно се зборува за развивање на системите за рециклирање на големите литиумски батерии, посебно на оние од возилата. Другиот проблем кој веќе во одреден степен е долго присутен е одржување и заштита на околината од јаловиштата од напуштените рудници и претворање на земјиштето околу тие рудници во до некаде корисно и обработливо земјиште.

Таквите стратегии се ретко имплементирани дури и за рудниците за бакар, цинк, олово кои се најраспространите низ светот, а ги имаме и во нашиот регион. Литиумот како најбараниот метал за батериите не се наоѓа во висок процент во своите руди како што се наоѓааат на пример бакарот или цинкот. Со тоа самата негова екстракција и преработка бара поскапи технологии и поскап систем на рециклирање.

Третиот проблем кој е присутен, а уште повеќе ќе биде видлив е загадувањето на околината околу рудниците, искористување на работната рака во трети земји (најмногу Јужна Америка и Африка), негрижата за животната средина од страна на рударските компании и отсуството на размена на знаења и технологии помеѓу земјите кои имаат рудни ресурси и странските компании кои ископуваат.

За овој проблем ретко кој од богатите земји се интересира воопшто бидејќи за жал со векови е пракса минералните суровини да се ископуваат, а населението да се остава во сиромаштија, без да се мисли на инвестиција во нивната иднина.

Војните за минерални суровини продолжуваат

Ако последниве 70 години во светот војните се водеа за нафта, списокот за причини за војна само ќе се надополнува со минералните суровини. Порано војните и освојувањата беа најмногу за злато, па за нафта, сега ќе бидат за литиум, тунгстен, берилиум.

Глобалниот север ќе работи на декарбонизација и електрични возила додека глобалниот југ, ќе умира од загадувањето од рудниците кои ги искористува глобалниот север. Еден од најеклатантните примери на глобална рударска компанија која е регистрирана како масовен загадувач во рударството, пропратена со загрозување на животната средина на автохтоното население низ Јужна Америка, Африка и Австралија, е канадската компанија Рио Тинто. Оваа компанија е на списокот на лобисти за донесување на легислативата за критични минерални суровини.

Ние ќе бидеме некаде помеѓу во зависност од тоа дали на територијата на Македонија ќе се најдат литиум и некој друг редок метал.

Во Србија, на пример, канадската компанија Рио Тинто, под маса продолжува со лоцирање на наоѓалишта на литиум и нема некоја намера да имплементира стандарди за заштита на животната средина, а сето тоа е со амин од државата. Српската влада под притисок на јавноста и еколошките организации, само декларативно оваа година се повлече од проектот „Јадар“ заедно со канадската компанија Рио Тинто за изградба на рудник на литиум во западна Србија кај реката Јадар, но Рио Тинто продолжи да врши истражувања на други локалитети низ Србија барајќи наоѓалишта на литиум.

Ако на нејзина територија се пронајдат ретки минерални суровини, Македонија ќе бира: дали да остане сиромашна како што е до сега или да биде отворена за инвестиции на странските рударски компании и по цена на уште поголемо загаадување на животната средина со евентуалното ископување на пронајдените ретки минерални суровини.

Можеби некогаш и не е клетва, туку благослов да немаш минерални суровини, за да не бидеш во сферата на интерес на големите компании и со тоа да бидеш искористен, исцеден, загаден и заборавен.

Соња Стојадиновиќ

 (Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Енергетска транзиција или енергетски хаос (2)

Боби Бадаревски

Важноста на ВИ писменоста во борбата против дигиталното родово базирано насилство

Рајко Пеколски

(Дe)конструкција

Зоран Дабиќ

Самонаречениот месија Османи

Нина Л. Хрушчова

Осамената смрт на Алексеј Навални

Вело Марковски

Пријатели на Македoнија – Русија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ