„Сите чекори што Стопанската комора може да ги преземе се легитимни, а потоа и институцијата Претседател на државата и институцијата Уставен суд, ако сметаат дека е моментот да постапат како што Комората вчера укажа, може тоа да го направат. Ние како Влада немаме како да отстапиме затоа што предлогот е веќе испратен во законодавниот дом“, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата Макпрогрес.
Стопанската комора преку Клубот 100, упати допис до претседателот на Собранието, премиерот и до министерот за финансии со кој бараат да запре донесувањето на законот за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце. Против предложеното законско решение денеска се изјасни и Стопанската комора на северозападна Македонија, а лидерот на опозицијата најави дека во понеделник на собраниската Комисија за европски прашања ќе побараат јавна расправа за законот.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и денеска порача дека Комората ќе ги искористи сите средства што и стојат на располагање за да го спречи донесувањето на Предлог-законот за данок на солидарност.
„Ќе одиме до крај зашто мислиме дека нашите аргументи се издржани и ќе ги искористиме сите средства во Парламентот, кај претседателот на државата и кај Уставниот суд“, изјави Азески во одговор на новинарско прашање.