„Нема зголемување на даноците на возилата ако ја видите последната одлука што во вторник треба да биде на Влада. Зборуваме за даночење на луксузните возила. Ако за општеството е проблем Пошре Кајен или БМВ X5 да добијат поголеми даноци ајде и тоа ќе го направиме со повластена даночна стапка но сѐ додека граѓаните кои зборуваат за екстремна сиромаштија можат да си приуштат Порше или БМВ. Ќе има данок и за оние возила кои испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид. Значи, не зборуваме за зголемување со кое ќе биде опфатена поголема категорија на граѓани“, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по панел дискусијата „Достоинствен живот или преживување?“.
Прашан дали во Македонија се живее или преживува, Битиќи рече зависи за кого, како.
„Има ранливи категории на граѓани кои се наоѓаат во тешка положба како што се наоѓале низ години затоа што не се решавале нивните проблеми. Но има и категорија на граѓани и стопанственици кои живеат навистина добро, а особено оние кои се жалат на Законот за солидарност. А тоа се тие кои профитираат на грбот на граѓаните на кои што е нужно да им се помогне“, рече Битиќи.
Битиќи негираше дека распределбата на Буџетот се прави затоа што нема пари за деветиот пакет антиркизни мерки. Во одговорот на новинарското прашање, Битиќи посочи дека вообичаено распределбата на средствата во Буџетот се прави секој декември. За антикризниот пакет мерки, рече тој, наскоро ќе биде објавен.
„Мислам дека веќе е при крај затоа што тоа ќе бара одредени законски решенија кои ќе треба да влезат во Собрание“, рече Битиќи.
Од Министерството за финансии и од Царината претходно најавија консултации со увозниците на возила за новиот Законот за моторни возила што е во подготовка. Со овие законски измени се предвидува цените на данокот за увоз на автомобили речиси двојно да се зголемат.
На пример, доколку досега не се плаќаше данок за возило до 10.000 евра, сега тој ќе изнесува еден процент. Се предвидува двојно да се зголеми давачката и за оние возила што повеќе загадуваат.