петок, 18 октомври 2024
ИНТЕРВЈУ

Бислимоски: Транзицијата кон енергија од обновливи извори е процес кој нема да запре

Објавено на

часот

Сподели

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги го објави годишниот извештај за 2022 година во кој детално се осврнува на работата во овој период.

Најпрво, дали сте задоволни од сработеното во 2022, кризна енергетска година?

– Многу е неблагодарно некој сам за себе да зборува. Регулаторната комисија во 2021 и 2022 година беше соочена со најголемата енергетска криза во Европа по Втората светска војна. Извештаите што веќе ги објавуваат институциите што нè мониторираат, како што е Секретаријатот на енергетската заедница, се изразуваат со најпофални зборови за РКЕ. Нивната оцена е дека сме презеле соодветни мерки во вистинско време со цел да спречиме сериозни ценовни шокови за потрошувачите во државата. Нè радува фактот дека покажавме дека можеме само за една година да издадеме 270 лиценци, притоа да не се одрази врз тековното работење на РКЕ. Веќе само за првите 4 месеци од 2023 година имаме издадено 176 лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаични панели и тоа е процес кој ќе продолжи понатаму. Во 2022 година, иако бевме соочени со сериозна криза, успеавме да испливаме и да го ублажиме ударот за потрошувачите. Една од најбитните реформи што ги спроведовме е воведувањето на блок-тарифите за домаќинствата, со што испративме сигнал до потрошувачите за штедење на електрична енергија. Едноставно, тие што штедат имаат пониски сметки за електрична енергија. Така што, ако се сумира сè, би рекол дека сум задоволен од сработеното.

Со години во Македонија не се инвестираше во енергетскиот систем. Наеднаш лани еден вид на мода стана да се инвестира во сончеви панели. Во која насока очекувате да се движат трендовите што почнаа?

– Во 2022 година првпат во независна Македонија се изградија многу нови производни капацитети, пред сè од фотоволтаици и една поголема ветерна електрана. Тоа е изградено, пред сè од македонски компании, од приватниот сектор, кои се покажаа цврсти за време на оваа енергетска криза и со изградба на фотоволтаични електрани успеаја драстично да си ги намалат своите трошоци за електрична енергија. Тој тренд нема да запре, ќе продолжи и понатаму. Веќе во 2023 година, за четири месеци, имаме издадено 176 лиценци, нови речиси 59 мегавати од фотоволтаични електрани. Очекуваме да ја завршиме годината со нови електрани од околу 300 мегавати. Тоа ќе им помогне и на државата, и на македонските компании и на граѓаните полесно да се справат со кризата која очигледно нема да престане толку брзо.

Грејната сезона заврши. Што да очекуваат домаќинствата за следната? Дали е реално враќањето на евтината дневна тарифа?

– Евтината дневна тарифа ја воведуваме врз основа на движењето на цените на електрична енергија на берзите. Факт е дека, заради фотоволтаиците, на најголемата берза во регионот, која е референтна за нашата држава, веќе имаме периоди во текот на денот со цени на електрична енергија кои се далеку пониски отколку што е производната цена на ЕСМ. Во претходните неколку дена, имавме по неколку часа и негативни цени, односно производители плаќаат за некој да им ја откупи електричната енергија. Транзицијата кон енергија од обновливи извори е процес од кој нема враќање. Сите земји во регионот ги очекува имплементирање на европско законодавство и дополнително воведување трошоци за ЦО2 емисии, кои ќе ја зголемат цената на електричната енергија произведена од термоелектрани. Апсолутно, додека го имаме јагленот како гориво, треба да го искористиме до крај, но резервите се сè помали и треба да се подготвуваме за новата реалност која ќе биде присутна насекаде во Европа. Особено е сериозна таа пенетрација на обновливите извори на енергија, враќање нема. Овие фотоволтаици што се градат добиваат лиценци за 35 години и тие ќе бидат приклучени на нашата мрежа најмалку 35 години. Би требало сега да се подготвуваме за да добиваме уште поголем бенефит од нив и како поефикасно да се справуваме со балансирањето на целиот електроенергетски систем.

Во изминатите години од РКЕ излегоа повеќе иницијативи, како што се намалувањето на ДДВ за електричната енергија, таргетирана  помош на ранливите категории, иницијативи во врска со снабдувањето со топлинска и електрична енергија итн. Како ќе се позиционира РКЕ во пресрет на следната грејна сезона?

– Повеќепати досега РКЕ посочува дека целосно треба да го промениме моделот во државава под знакот на социјална заштита од енергетска сиромаштија од една единствена причина – да имаме поголем опфат на ранливи категории на потрошувачи. Едноставно, на тие на кои им треба помош да им се помогне повеќе, а тие на кои не им треба помош, да не им се помага воопшто. Јасно е, тоа треба да е поврзано со приходот во едно домаќинство. Колку што е понизок тој приход, помошта на државата треба да биде поголема. Како што се зголемуваат приходите на домаќинството, ќе се намалува и помошта на државата, се разбира до одредена граница. Има голем број домаќинства кои немаат потреба од никаква помош. Исто така, во наредниот период како држава треба да испратиме посериозен сигнал до домаќинствата да поставуваат фотоволтаични панели на своите покриви, бидејќи тоа ќе влијае позитивно врз нивните сметки за електрична енергија, но и на намалување на увозната зависност на државата. Сето тоа што се случуваше во 2022 година, излезе на виделина во првиот квартал од 2023 година и првпат во зимските месеци државата имаше вкупен увоз на електрична енергија за сите потрошувачи од само 11%. Доколку се враќаме назад до 1990 година, ќе видиме дека такви месеци ретко сме имале особено во периодот по 2000-2001 година кога почнува секоја година да се прави увоз на електрична енергија. Уште една работа која мора сега да се интензивира, во делот на топлинската енергија е апсолутно потребно поставување калориметри онаму каде што постојат хоризонтални мрежи, односно секој стан што има посебен приклучок на спрат. Целта е секој потрошувач да плаќа за топлинска енергија колку што потрошил, а не сумата да се распределува како досега врз основа на потрошувачката во целата зграда. На тој начин ќе обезбедиме потрошувачите да имаат поголема доверба во самиот систем и сами да си ја управуваат потрошувачката на топлинска енергија. Исто така, сакаме да се интензивираат активностите во ЕВН за поставување броила со далечинско отчитување, сè со цел да се подобри довербата што ја имаат потрошувачите во однос на отчитувањето на нивната потрошувачка.

Што се случува на полето на водоснабдувањето? Дали ќе почнат да се менуваат нештата и во овој сектор?

– Ситуацијата со водниот сектор е стабилизирана, бидејќи трошоците за електрична енергија значително се намалија. Верувам дека со наша помош и јавните комунални претпријатија ќе поработат на зголемување на нивната ефикасност и подобрување на нивните услуги.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ