Цените на билетите за главната фаза на ЕП за разврската за распределбата на медалите се движат од 10 до 80 евра по ден. Информациите се дека има билети за пет зони, и тоа 1.000 динари, 1.500, 2.000, 2.500, 5.000 и 8.000 динари. Билетите се дневни, што значи три дуели од една група во денот.
Да беше некој друг спорт во Србија, веројатно билетите за Арена ќе беа распродадени предвреме, но кај северниот сосед слабите резултати го ставија ракометот на маргините. Никој не очекуваше дека Србија е на чекор до полуфиналето. Никој не очекуваше дека и Македонија може да стигне до втората фаза. Затоа и слабо се продаваа билетите, сѐ до синоќа… Денеска се очекува вистински хаос во трката за обезбедување место во најубавата сала на Балканот.
„Билети има. Заблуда е, а и неточна е информацијата дека се распродадени. Се јавуваат луѓе и се распрашуваат. Очекуваме резервација на поголем контингент на билети за Македонците“, вели Билјана Ѓокиќ, тикет-менаџерка на ЕП.
Дејан Веселинов, директорот на Туристичката организација на Белград, за весникот „Данас“ изјавил дека во српската престолнина веќе има неколку илјади туристи, а дека очекува многу повеќе од денеска, па во следните денови. Особено има Македонци, откако нашата репрезентација избори пласман во следната фаза на ЕП.