сабота, 27 јули 2024

Билд: Дали Путин со Вучиќ отвора нов фронт на Балканот?

Германскиот таблоид Билд на насловната страница го поставува прашањето дали рускиот претседател Владимир Путин со помош од претседателот на Србија Александар Вучиќ планира да отвори нов фронт на Балканот на што укажуваат најавата за воведување задолжителен воен рок и молчењето на Европската Унија на потезите на Белград.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Билд на својот сајт го објави текстот со наслов „Можен е втор фронт во Европа: Дали Путин тука ја планира следната војна?“ во кој се наведува дека експертите за Балканот предупредуваат на развојот на Србија под Вучиќ.

Весникот ја цитира Кати Шнебергер од невладината организација „Виена оди во Европа“, која на социјалната мрежа Икс објави дека, доколку Европската Унија кон Србија пристапи со истата политика како кон Русија, може да се случи истиот резултат како во Украина.

„Тоа може да се следи постепено. И Никој нема да може да каже дека тоа не било очекувано. Путин на Балканот, со помош од Вучиќ и со заглушувачката тишина на претставниците на ЕУ, ќе направи второ боиште на европското тло пред изборите за Европскиот парламент“, оцени таа.

Германскиот весник потсетува дека во септември 2022 година, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, министрите за надворешни работи на Србија и Русија потпишаа договор за идна соработка, шест месеци по рускиот упад во Украина.

„Тоа е јасен сигнал“, оценува Билд, додавајќи дека Србија сè уште не ѝ ги вовела санкциите на Русија кои ѝ ги воведе ЕУ. Весникот потсетува дека во мај 2023 поранешниот шеф на српската разузнавачка агенција БИА Александар Вулин и министерот за надворешни работи на Ивица Дачиќ учествуваа на безбедносна конференција во Москва.

Шефот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер за Србија и Црна Гора, која е блиска до ЦДУ, Јаков Вечиќ изјави за Билд дека во српскиот политички пејзаж постојат „јасни проруски струи“.

„И поранешниот шеф на разузнавачката служба Вулин и министерот за надворешни работи Дачиќ застапуваат проруски ставови. Москва знае како политички да го иритира Западот“, кажа тој. Билд својата теза ја докажува со тоа што минатата година дојде до судир меѓу војници на Кфор и косовски Срби кога беа повредени 30 војници на западниот воен пакт, но и до ескалација на тензиите по септемврискиот судир на косовската полиција и локалните Срби во селото Бањска.

Германскиот весник во прилог на тезата го наведува и тоа што Вучиќ во октомври 2023, наместо на самитот ЕУ-Балкан отпатува во Кина, каде се сретна со Путин, а на маргините на самитот Пат на свилата потпиша договор за слободна трговија со Кина.

„Другото нешто е тоа што Србија во јануари 2024 најави повторно воведување на задолжителното служење воен рок. Дали е тоа мобилизација?“, прашува весникот.

Девчевиќ заклучува дека, иако повеќето Срби не сакаат во ниеден облик да признаат држава Косово, Србите не се спремни за него да војуваат.

„Ситуацијата на Западен Балкан е генерално многу кревка. Без поголемо присуство на Западот, а со тоа и на Германија на северот на Косово, нема да има мир и безбедност на Западен Балкан“, смета тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ