понеделник, 3 март 2025

Би-би-си: Тикток профитира од сексуални видеа со деца

Тикток профитира од сексуални преноси во живо што ги изведуваат тинејџери на возраст од 15 години, објави Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Три жени во Кенија за Би-би-си рекле дека ја почнале оваа активност како тинејџерки. Го користеле Тикток за отворено да се рекламираат и да преговараат за плаќање за поексплицитна содржина што ќе биде испратена преку други платформи за пораки.

Тикток го забранува проституирањето, но знае дека се случува, рекле модераторите за Би-би-си. Тикток зема удел од околу 70% од сите трансакции за преносите во живо.

Од Тикток за Би-би-си порачале дека имаат „нулта-толеранција кон експлоатацијата“.

Преносите во живо од Кенија се популарни на Тикток – секоја вечер во текот на една недела биле откриени до десетина преноси во кои жени танцуваат сугестивно, а кои ги гледаат стотици луѓе од целиот свет.

Во Најроби е два часот по полноќ, а Тикток-преносите се во полн тек. Експлозија на музика, а корисниците си муабетат, додека една жена ја вклучува камерата за да тверка (танцува со задникот) или да позира провокативно. Потоа екранот се преполнува со емоџи-„подароци“.

„Во инбокс за кинембе, момци. Тап, тап“, постојано повторуваат изведувачките. „Тап, тап“ е фраза со која вообичаено на Тикток се повикуваат гледачите да „лајкнат“ некој пренос во живо.

„Кинембе“ значи „клиторис“ на свахили. Фразата „Во инбокс“ (Inbox me) му наложува на гледачот да испрати приватна порака преку Тикток со поексплицитно нарачано барање – како на пример да ја гледа изведувачката како мастурбира, се соблекува или врши сексуални активности со други жени.

Во некои од преносите во живо што ги гледало Би-би-си, се користел шифриран сексуален сленг за рекламирање сексуални услуги.

Емоџи-подароците се како плаќање за преносите во живо на Тикток и (бидејќи Тикток ги отстранува сите очигледни сексуални дејствија и голотија) за поексплицитната содржина испратена подоцна на други платформи. Подароците потоа може да се претворат во готовина.

Тикток долго време знае за експлоатацијата на деца во неговите преноси во живо, бидејќи во 2022 година спроведе сопствена внатрешна истрага, но го игнорира ова прашање затоа што „значително профитира“ од тоа, според тврдењата на тужбата поднесена од американската сојузна држава Јута минатата година.

Тикток одговорил дека тужбата – која е во тек – ги игнорирала „проактивните мерки“ што тој ги презема за подобрување на безбедноста.

За Би-би-си зборувале анонимни свиркачи од компанија што ја модерира содржината на Тикток, a некои добротворни организации рекле дека во овие активности учествуваат и деца на возраст од девет години.

Тие разговарале со тинејџерки и млади жени што рекле дека поминуваат до шест-седум часа навечер во таа активност и дека заработуваат во просек 30 фунти на ден – доволно за една недела храна и превоз.

„Се продавам на Тикток. Танцувам гола. Го правам тоа затоа што таму можам да заработам пари за да се издржувам“, вели 17-годишната девојка што Би-би-си ја нарекува Естер. Таа живее во сиромашна населба во Најроби, каде што 3.000 жители имаат заеднички клозет. Таа вели дека со парите купува храна за своето дете и ја издржува својата мајка.

Вели дека имала 15 години кога пријателка ѝ кажала за преносите во живо „Тикток лајвс“, која ѝ помогнала да ги избегне старосните ограничувања – само постарите од 18 години можат да користат Лајв. На корисниците им требаат и најмалку 1.000 следбеници за да одат во живо.

Така, корисниците на Тикток со голем број следбеници можат да дејствуваат како дигитални макроа – да ги хостираат преносите што продаваат сексуална содржина. Некои од нив имаат дополнителни профили, што укажува дека биле забранети или суспендирани од Тикток во минатото.

Изгледа дека знаат како да избегнат да бидат откриени од модераторите на содржината на Тикток, додека ја генерираат вистинската доза сексуални провокации за да го поттикнат интересот на клиентите.

„Кога танцуваш, тргни се подалеку од камерата, инаку ќе те блокираат“, ѝ вели макрото на една жена што тверка на екранот. Жените им плаќаат удел од заработката на макроата.

Некои од девојките и жените со кои разговарало Би-би-си рекле дека биле платени и за лично да се сретнат со корисници на Тикток за секс или биле под притисок да имаат секс со своите макроа.

Портпаролот на Тикток изјави за Би-би-си: „Тикток има нулта-толеранција кон експлоатацијата. Спроведуваме строги безбедносни политики, вклучително и робусни правила за содржините во живо, модерирање на 70 јазици, вклучително и свахили, и соработуваме со локалните експерти и креатори, меѓу другото и преку нашиот Безбедносен совет за Супсахарска Африка, за постојано зајакнување на нашиот пристап“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ