недела, 14 април 2024

Би-би-си: Разбиена руска мрежа што „им плаќала на европски политичари“

„Пропагандна“ мрежа поддржана од Русија е разбиена поради ширење антиукраински приказни и плаќање неименувани европски политичари, рекоа властите во неколку земји, пренесува Би-би-си.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Истражителите тврдат дека мрежата ја користела популарната веб-страница „Гласот на Европа“ како средство за плаќање на политичарите, според Би-би-си.

Чешката Република и Полска рекоа дека мрежата има цел да влијае на европската политика.

Гласот на Европа не одговорил на барањето на Би-би-си за коментар.

Чешките медиуми, повикувајќи се на разузнавачки извори, објавија дека политичари од Германија, Франција, Полска, Белгија, Холандија и Унгарија биле плаќани од Гласот на Европа со цел да влијаат на претстојните избори за Европскиот парламент.

Германскиот весник Шпигл пишува дека парите биле предавани во кеш на тајни состаноци во Прага или преку размена на криптовалути.

Чешка тврди дека зад мрежата стои прорускиот украински олигарх Виктор Медведчук.

Медведчук беше уапсен во Украина веднаш по почетокот на руската инвазија, но подоцна беше префрлен во Русија со околу 50 воени заробеници во замена за 215 Украинци.

Чешките власти, исто така, го именуваа Артјом Марчевски, тврдејќи дека тој управувал со секојдневното работење на страницата. И двајцата беа санкционирани од чешките власти.

Полската разузнавачка агенција соопшти дека спровела истраги во регионите на градовите Варшава и Тихи и запленила 48.500 евра и 36.000 долари.

„Парите од Москва беа искористени за плаќање на некои политички актери што шират руска пропаганда“, се вели во соопштението на БИС.

Се додава дека сумите изнесувале „милиони“ чешки круни (десетици илјади евра).

Наводната пропагандна мрежа „имаше за цел активности против територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“, соопшти БИС.

БИС не ги наведе имињата на наводно вклучените политичари. Сепак, белгискиот премиер Александар Де Кро изјави дека се вклучени и членови на Европскиот парламент.

„На пример, испадна дека Русија им пристапила на членовите на ЕП, но и им платила за да ја промовираат руската пропаганда тука“, им рече Де Кро на белгиските парламентарци.

Веб-страницата на Гласот на Европа вчера беше офлајн, вели Би-би-си и додава дека на архивираната верзија на нејзината почетна страница имало неколку написи што ги истакнуваат внатрешните поделби во европските земји и изразуваат скептицизам за поддршката за Украина.

Тие вклучуваат: „Протест во Прага: гласот на народот против корупцијата, воената поддршка за Украина и владата“ и „Украинската армија се соочува со зголемен недостиг од војници во услови на тековни предизвици“.

Гласот на Европа имаше повеќе од 180.000 следбеници на Икс. Изданието не одговорило веднаш на барањето за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ