сабота, 27 јули 2024

Би-би-си: Мистериозниот „Хавана синдром“ на американски дипломати поврзан со руската разузнавачка служба

Мистериозната болест наречена „Хавана синдром“ која ги погодува американските дипломати ширум светот во последниве години веројатно е поврзана со руска разузнавачка единица, јавува Би-би-си.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Персоналот стациониран ширум светот кој пријавил необјаснети симптоми на таканаречениот „Хавана синдром“ како што се вртоглавица, главоболки, тешкотии во концентрацијата и интензивно и болно ѕвонење во ушите можеби биле цел на руско инфразвучно оружје.

Веќе долго време постои сомнеж дека биле нападнати со насочена енергија или микробранови емитувани од скриени уреди, а новата истрага тврди дека оперативците на руската воена разузнавачка единица позната како 29155 можеби ги гаѓале американските дипломати со „насочувано енергетско оружје“.

Се вели дека има докази за присуство на припадници на таа единица во градовите ширум светот токму во времето кога американски персонал известувал за инцидентите.

Како дел од истрагата, Инсајдер, веб-страница фокусирана на Русија, исто така објави дека офицерите од единицата 29155 биле дури и наградени за својата работа во развојот на „несмртоносно акустично оружје“.

Официјална Москва негира каква било вмешаност, и иако американските власти рекоа дека нема докази за вмешаност на странска сила, нивната минатогодишна проценка за „ненормални здравствени инциденти“, кои не понудија алтернативно објаснување за феноменот, предизвика незадоволство кај погодените.

Овој феномен го доби името по главниот град на Куба, Хавана, каде што е забележан првиот таков случај во 2016 година, иако неодамнешните истражувања сугерираат дека првите случаи можеби се случиле во Германија две години порано. До денес се регистрирани над илјада случаи на мистериозната болест, а десетици случаи сè уште официјално се сметаат за необјаснети.

Американскиот Конгрес усвои закон чија цел е да обезбеди поддршка на жртвите, а лицата со потврдени повреди на мозокот од болеста имаат право на финансиска помош.

Американски официјални лица изјавија за американскиот Си-би-ес њуз дека „ќе продолжат внимателно да ги истражуваат необичните здравствени инциденти“, но го повторија својот претходен став дека „малку е веројатно странска сила да е одговорна“.

Тие додаваат дека „не ги доведуваме во прашање вистинските искуства и симптоми кои ги пријавија нашите колеги и членовите на нивните семејства“, велејќи дека работата на ваквите инциденти им е приоритет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ