петок, 25 октомври 2024

Безбедносен пропуст на аеродромот во Минхен: патник двапати се качил во авион без билет

Еден човек успеал двапати да се качи во авион на аеродромот во Минхен и покрај тоа што немал валиден билет. Полицијата еднаш успеала навреме да го „симне“ од авионот, а вториот пат одлетал за Шведска, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во вторникот германската полиција потврди голем безбедносен пропуст на аеродромот во баварската престолнина Минхен, пишува ДВ. Имено, според овој медиум, еден норвешки патник успеал да се качи на два лета без валиден билет, односно карта за влез во авионот.

Откако баварската полиција првиот пат успеа да го запре, односно пред да полета авионот, само еден ден подоцна тој со истиот трик полетал во правец на Шведска, се наведува во текстот.

Овој 39-годишен маж, како што е потврдено, на 4 август годинава првпат успеал да го измами персоналот задолжен за безбедноста на еден од најголемите германски аеродроми, пишува овој медиум.

На патниците за влегување во авионот им е потребна бординг-карта, која ја скенираат на автоматските премини. Како што пренесува таблоидот Билд, Скандинавецот едноставно стоел покрај друг патник, а откако овој си го скенирал билетот, 39-годишникот зад него се „провнал“ низ контролниот пункт.

Се протнал покрај вработените во авиокомпанијата што биле на терминалот и така успеал да се качи во авионот што требало да лета за Хамбург, се наведува во текстот.

Но, се вели, со оглед на тоа што летот бил распродаден, Скандинавецот немал каде да седне и така бил откриен неговиот обид за манипулација.

И додека секој потенцијален „слеп патник“ ќе ѝ беше предаден на полицијата, а потоа ќе се покренеше обвинение против него, овој 39-годишен маж по итна постапка бил ослободен од обвиненијата, а еден ден подоцна и вратен на аеродромот.

Користејќи ја истата техника како на летот за Хамбург, тој успеал да се качи во авионот на летот за Стокхолм, пишува ДВ. Тој лет не беше распродаден, потврди портпаролот на полицијата Себастијан Пинта. Норвежанецот не бил откриен и авионот полетал за Стокхолм, се вели. Не е наведено за која авиокомпанија станува збор.

По пристигнувањето во главниот град на Шведска, 39-годишникот многу брзо го привлекол вниманието на службениците што работат на аеродромот – сакал итно да одлета назад во Минхен, се наведува во текстот.

Мажот бил уапсен од шведската полиција, пишува ДВ, а при претресот било откриено дека има и нож со сечило долг десет сантиметри. И покрај тоа, портпаролот на полицијата тврди дека тој не претставувал никаква опасност.

Претставникот на аеродромот во Минхен, Хенер Ојринг, изјави, како што пренесува овој медиум, дека сѐ уште се истражуваат околностите под кои е можно ваков безбедносен пропуст и додаде дека за тоа ќе биде потребно извесно време.

„Истражуваме како може да се случи патник да ја заобиколи автоматската контрола на бординг-картите пред безбедносната контрола. Авиокомпанијата го испитува и процесот на контрола на бординг-картата на самиот терминал, каде што самата е одговорна за контрола на патниците“, рече тој, пренесе ДВ.

Според германската полиција, против 39-годишникот е покрената истрага за илегален влез во земјата и манипулација при превоз, се вели во текстот. Сѐ уште не се знае дали некој на аеродромот во почетокот на август во кој било момент побарал од тој човек да ги покаже личните документи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ