сабота, 26 октомври 2024

„Безбедни новинари“ бара КФОР да се грижи за безбедноста на новинарите, меѓународните организации против суспензијата на Клан Косова

Објавено на

часот

Сподели

Мрежата смета дека е многу вознемирувачко што КФОР е присутен и не реагира во момент кога животот на неколку медиумски работници е во опасност, се вели во соопштението поврзано со физичкиот напад на снимателот на Радио-телевизија Косово, Бард Бектеши, додека денеска известуваше од Лепосавиќ.

„Безбедни новинари“ наведува дека ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

Претходно, неколку меѓународни организации за слобода на медиумите заедно со регионалната мрежа „Безбедни новинари“ денеска побараа од Министерството за индустрија, претприемништво и трговија на Косово (МИПТК) да ја повлече одлуката за суспензија на деловниот сертификат на телевизијата Клан Косова.

Европскиот центар за слобода на печатот, Меѓународниот институт за печат, Европската федерација на новинари и Меѓународната федерација на новинари во заедничко соопштение изразија загриженост за, како што велат, невидената мерка на косовските власти да поднесе кривична пријава против претставници на телевизијата.

Организациите оценуваат дека дејствијата на МИПТК се исклучително сериозни и претставуваат сериозна закана за слободата на медиумите на Косово, како и дека наредбата за суспендирање на сертификатот е произволна и не е донесена на стабилна правна основа.

„Ова е првпат во историјата на Косово на ваков начин да биде суспендиран деловниот сертификат на радиодифузер. Повлекувањето на деловен сертификат, што може да доведе до одземање на дозволата за радиодифузија, е многу екстремна мерка и треба да се преземе само во исклучителни околности и во целосна согласност со владеењето на правото“, пишува во соопштението.

Засега ТВ каналот и радиото остануваат во етерот, а нејзиниот портал за вести продолжува да работи. Доколку сертификатот на компанијата би бил формално одземен по судски налог, би и била одземена дозволата за емитување и ќе биде принудена да престане со работа.

Клан Косова силно ја критикуваше таа мерка и подготвува жалба за одложување на мерката. Оттаму изјавија дека се уште подготвуваат дополнителни правни одговори.

За одлуката да се суспендира деловниот сертификат на Клан Косова денеска треба да се расправа во Независната комисија за медиуми, која ги надгледува електронските медиуми во Косово.

Меѓународните организации ги повикуваат премиерот Албин Курти и министерката Розета Хајдариј да се погрижат веднаш да се укине суспензијата на деловниот сертификат на Клан Косова и „да престанат сите форми на притисок врз медиумите – политички, административни и регулаторни“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ