четврток, 9 јануари 2025
Епидемиолозите во држававаа смируваат

Без паника: Метапневмовирусот (HMPV) не е нова закана за човештвото

Во зимскиот период, акутните респираторни инфекции во умерените климатски региони, вклучувајќи ја и нашата земја, се сосема очекуван тренд. Во оваа група спаѓаат сезонскиот грип, респираторниот синцицијален вирус (RSV), човечкиот метапневмовирус (HMPV), како и други познати причинители на респираторни заболувања.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Неодамнешните извештаи за зголемен број хоспитализации во Кина, кои делумно се поврзуваат со HMPV, се дел од вообичаените зимски трендови.

„Човечкиот метапневмовирус (HMPV) не е нов вирус. Тој е присутен со децении и е добро познат на човечкиот имунолошки систем. Нема простор за паника или страв од нова пандемија. Тоа е само дел од вообичаениот „коктел“ на вируси кои циркулираат секоја зима,“ вели проф. д-р Драган Даниловски, специјалист по епидемиологија.

Според д-р Даниловски, HMPV е дел од групата респираторни вируси кои предизвикуваат симптоми слични на настинка. Како и кај другите вируси, инфекцијата може да биде поблага кај повеќето лица, додека кај чувствителните категории, како што се постарите лица и хронично болните, може да предизвика посериозни компликации.

„Превентивните мерки се исти како и за другите сезонски респираторни вируси. Вклучуваат редовно миење на рацете, носење маска во затворени простории со голема концентрација на луѓе и избегнување контакт со лица кои имаат симптоми на настинка,“ објаснува Даниловски.

Зголемената застапеност на респираторни инфекции во зима не е нешто неочекувано, истакнува д-р Даниловски. Тој апелира до јавноста да не подлегнува на вознемирувачките написи и да не создава непотребен страв.

„Важно е да се потсетиме дека човечкиот организам веќе има воспоставено механизми за одбрана од вируси како HMPV. Нема потреба од паника, туку од основна здравствена дисциплина. Сè што треба да направиме е да продолжиме со внимателност и да ги применуваме препораките за заштита,“ заклучува Даниловски.

HMPV не е нова закана, туку дел од сезонските респираторни предизвици. Со правилна грижа за здравјето, зимата може да се помине без страв и непотребна вознемиреност.

Во Грција веќе се пријавени неколку случаи на кинескиот респираторен вирус ХМПВ.

Според грчките медиуми првиот регистриран случај е 71-годишен Грк, а позитивни се и неговата сопруга и ќерка. Од Комисијата за заразни болести смируваат велат овој вирус постои од 2001 година и не се очекува да биде новиот ковид-19.

Мехмедовиќ: Метапневмовирусот не е нов ковид-19, нема простор за паника

Метапневмовирусот (HMPV), кој моментално циркулира во зимските месеци, не претставува нова закана налик на ковид-19 и нема причина за паника, истакнува портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ.

„Вирусот е стар и одамна е познат на медицината. Вообичаено циркулира во зимските месеци и не треба да се очекува дека ќе стане новиот ковид-19. Ова не е ситуација која треба да предизвика паника или да нè потсети на 2020 година, кога се ширеше Сарс-ков-2,“ изјави д-р Мехмедовиќ.

Според него, метапневмовирусот предизвикува вообичаени респираторни инфекции, слични на грип, со симптоми како кашлање, кивање, секреција од носот, температура и болки во зглобовите.

„Вакцина за овој вирус не постои, но смртноста е исклучително ниска, многу пониска од таа на грипот. Компликациите се ретки и обично се јавуваат кај деца под две години или кај лица со нарушен имунитет,“ потенцираше тој.

Метапневмовирусот се пренесува преку близок контакт или преку контаминирани предмети, со допирање на уста, нос или очи. Најчесто предизвикува горнореспираторни симптоми, додека посериозни инфекции на долниот респираторен систем се ретки.

Мехмедовиќ нагласи дека засега нема потреба од свикување на Комисијата за заразни болести и дека здравствениот систем будно ја следи состојбата.

„Важно е да останеме спокојни и да продолжиме со редовните мерки за хигиена и превенција, како што правиме и за останатите сезонски респираторни вируси,“ заклучи д-р Мехмедовиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ